Трето издание на Фестивалот „Малата школа на краткиот филм“ ќе се одржи во Битола

Фотографија од минатогодишното издание на фестивалот во Битола

Филмскиот фестивал „Малата школа на краткиот филм“ е наменет за учениците од основните училишта и е дел од акциите за едукација со слика (филмска писменост) и откривање на кинематографската уметност, што ги спроведува француското здружение „Aј Aј ВО“ / Меѓународниот филмски фестивал Нанси во текот на целата година.

Во Франција, годинава се одржува 19-то издание на „Le Festival de la Petite école du film court“, додека во Битола ќе го има своето трето издание. Овој настан е покана за откривање на оригинални филмови. Забавни и во исто време со едукативна функција, проекциите се проследени со размени со учениците за да ги поттикнат да зборуваат, да им овозможат да ги изразат своите чувства, емоции, да ги поттикнат да направат чекор назад од сликата воопшто, да го развиваат своето критичко размислување, истовремено подигајќи ја нивната свест за кинематографската уметност.

Програмата содржи кратки филмови, прилагодени на возраста на учениците, разновидни по нивните форми (анимирани филмови, фикција, документарци, експериментални), обработените теми и нивното географско потекло и секогаш во оригинална верзија, титлувани на македонски јазик. Времетраењето на дискусиите по проекциите, водени од директорката на фестивалот Бландин Брунхес-Гламчевски, е приспособено на возраста на публиката.

На младите им се нудат филмски дела што ретко се емитуваат надвор од професионалните фестивалски кругови. За Битола се предвидени три програми за ученици на возраст од 9 до 11 години и за ученици на возраст од 11 до 14 години.

За првпат годинава, на средношколската публика ќе ѝ бидат претставени и кратки филмови, избрани и наградени од нивните врсници од Нанси за време на 19-то издание на Меѓународниот филмски фестивал во Нанси, со кој од 2013 година претседава македонскиот новинар Тони Гламчевски.

Фестивалот од Нанси со својата делокализација во Битола промовира ширење на кинематографската уметност и пристап до културата за сите. Мисија која е блиску до срцето на целиот наставен тим на „La Petite École du Film Court“, кој во текот на годината организира работилници со цел за нивна обука за подигање на свеста за сликите и звукот, работилници за програмирање, училиштен фестивал, сесии на млада публика на Меѓународниот филмски фестивал во Нанси, сесии за гледање пред селекција со средношколци, со возрасна публика, средношколско и студентско жири, состаноци со кинопрофесионалци, проекција-дебати со разни публика, здруженија, во затвори итн.

Фотографија од минатогодишното издание на фестивалот во Битола

Фестивалот ќе се одржи од 30 октомври до 3 ноември 2023 година во рамките на програмата за одбележувањето на 4 ноември – денот на ослободувањето на Битола. Сите проекции се бесплатни и ќе се одржат во НУ Центар за култура Битола, партнер на фестивалот заедно со Француската алијанса од Битола, а предвидени се и две делокализирани проекции за учениците во основните училишта во Новаци и Бач.

Неговата реализација финансиски е помогната од Општина Битола и Францускиот институт – Скопје, како една од акциите за ширење на франкофонската култура и на францускиот филм во Македонија.

(Текстот е објавен во „Културен печат“ број 202, во печатеното издание на весникот „Слободен печат“ на 28-29.10.2023)

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот