Трет Британец можеби се заразил со хантавирус
Постои сомнеж дека трет британски државјанин е заразен со хантавирус, а случајот е поврзан со избувнувањето на заразата на крузерот, објави „Гардијан“.
Препорачано
Агенцијата за здравствена безбедност на Обединетото Кралство (УКХСА) веќе потврди два случаи кои се наоѓаат во болници во Холандија и Јужна Африка. Агенцијата соопшти дека третиот случај бил пријавен на јужноатлантскиот остров Тристан да Куња, каде што пациентот сè уште престојува.
Епидемијата поврзана со крузерот „МВ Хондиус“ досега усмрти тројца, а Светската здравствена организација предупреди дека може да се појават и нови случаи на хантавирус, иако властите велат дека очекуваат ширењето да биде ограничено доколку се преземат соодветни мерки на претпазливост.
Островите Света Елена, Асенсион и Тристан да Куња се наоѓаат во јужниот дел на Атлантскиот Океан, на половина пат меѓу Африка и Јужна Америка. Вкупно 29 луѓе го напуштија „Хондиус“, вклучувајќи седум Британци, кога тој се закотви на Света Елена на 24 април, меѓу кои и една Холанѓанка на која ѝ се слошило за време на понатамошното патување и починала.
Се очекува бродот да се закотви во Тенерифе в недела, според најновите информации од шпанското Министерство за здравство.
„Персонал на британската влада ќе биде на терен, подготвен да им пружи поддршка на британските државјани при симнувањето. Британските патници и екипажот на бродот кои не покажуваат никакви симптоми на хантавирус ќе бидат придружувани од владиниот персонал до аеродромот и ќе им биде обезбеден бесплатен превоз назад во Обединетото Кралство“, соопшти Агенцијата за здравствена безбедност на ОК.
Агенцијата додаде дека претставници на Министерството за надворешни работи и тимови на УКХСА ќе продолжат да ги поддржуваат патниците, при што се организира посебен лет за репатријација за нив и за екипажот.
„УКХСА соработува со партнерите за да обезбеди летот да се одвива под строги мерки за контрола на инфекции. Специјалисти за јавно здравје и заразни болести од УКХСА и од Националната здравствена служба ќе бидат во авионот за да ги следат британските државјани за време на летот, за да се осигураат дека превентивните мерки се применуваат и да пружат каква било нега во малку веројатниот случај на некој од патниците да му се слоши за време на патувањето,“ соопштија оттаму.
Од сите британски патници и екипажот од бродот се бара да се изолираат 45 дена по враќањето во Обединетото Кралство, со внимателно следење од страна на здравствените власти.
„Веќе е во тек следење на лицата кои можеби биле во контакт со заразените, а во меѓувреме се вратиле во Обединетото Кралство или се наоѓаат во британските прекуморски територии“, порачаа од агенцијата.
40 патници го напуштиле крузерот по првиот смртен случај од хантавирус — надлежните трагаат по нив


