Камиони на граничен премин Табановце / Фото: ''Слободен печат'' - Драган Митрески

Транспортерите ја продолжуваат битката за елиминација на броените денови во ЕУ – можното решение е петгодишна виза?

Од „Макам транс“ велат дека институциите ќе се свестат кога ќе се почувствува нагласен недостиг од стока, која во 96 отсто од случаите се пренесува со камиони. Во земјава има 17.000 професионални возачи и 2.500 евидентирани компании чијашто основна дејност е транспорт во и надвор од земјава

Европската комисија размислува за некаков вид визи во траење од пет години што би можеле да им се даваат на возачите, со што би се надминал проблемот со броењето на деновите за престој во Шенген зоната. Ова е содржано во одговорот, кој Асоцијацијата „Макам транс“ и другите здруженија од регионот го добиле по последниот допис упатен до нив, открива за „Слободен печат“ генералната секретарка Билјана Муратовска. Таа додава дека допрва им престои борба и на тоа активно ќе се насочат во 2026 година.

Дотолку повеќе што земјите од ЕУ спроведуваат активни мерки за привлекување возачи од Балканот, каде што припаѓаме и ние, па од една страна ни ги земаат и оние малку возачи што останаа, а од друга ни ги бројат деновите за престој. И покрај сите напори на здруженијата на транспортери од целиот Балкан, ЕУ не направи ништо овој сектор да биде изземен од новите правила за регистрација во ЕУ, кои стапија на сила на 12 октомври. Транспортерите со месеци укажуваат дека бараат ист третман како авионскиот, бродскиот и железничкиот екипаж, кои се ослободени од правилото 90 дена во рок од 180 дена во рамките на ЕУ.

Муратовска додава дека институциите ќе се свестат кога ќе се почувствува нагласен недостиг од стока, која во 96 отсто од случаите се пренесува со камиони. Во земјава има 17.000 професионални возачи и 2.500 евидентирани компании чијашто основна дејност е транспорт во и надвор од земјава.

Според правилата, нашите возачи можат да останат во ЕУ само 90 од 180 дена. Треба да се нагласи дека оспорената одлука е на сила повеќе од 14 години, односно од 15 декември 2010 година, но, таа не била применета сè до минатата година кога возачите и превозниците почнале да се соочуваат со исклучување од сообраќај и со казни.

– Ние изминативе години се соочивме со навистина огромни проблеми, има голем одлив на возачи и транспортни компании што се обидуваат да се регистрираат во Хрватска и во Словенија. Сепак, ова не е само проблем за Македонија, туку за сите земји од Западен Балкан што не се членки на ЕУ. Возачите се посебна категорија на која ова броење денови им се спроведува во континуитет. Не е лесно да ви го запрат возилото, а вие треба да најдете нов возач и да го завршите дотурот на стока. Ние како асоцијација со другите здруженија од Балканот испративме уште еден допис до ЕК од каде што добивме одговор дека размислуваат за некакви визи – вели Муратовска.

– Блокадите не се решение, но ако нема друг начин, тогаш и ние ќе мора да ги затвориме границите и патиштата за да се види дека проблемот е голем, а ние живееме од возењето. Ако застане транспортот, сè ќе застане – децидна е Муратовска.

Што се случува ако го надминете 90-дневното ограничување во ЕУ?

Казните што може да се изречат покрај другите санкции се разликуваат од земја во земја. Ако го пречекорите рокот, земјите од ЕУ имаат право да ве депортираат или да ви дадат одреден број денови за да ја напуштите земјата. Сепак, во практика, депортацијата е ретка за луѓе што не работат или не користат социјални бенефиции: наместо тоа, обично им се советува да ја напуштат земјата што е можно поскоро.

Земјите од ЕУ можат да воведат целосна забрана за повторен влез, обично за период од три години, иако може да биде и подолг. Целосната забрана обично се однесува само на луѓе што престојувале подолго од дозволениот период или го прекршиле законот додека престојувале подолго од дозволениот.

Во исклучително ретки случаи, луѓето што престојуваат подолго од дозволеното, може да се соочат со затворска казна до една година. Сепак, ова веројатно би вклучувало отежнувачки фактори какви што се работа неколку месеци или извршување кривично дело додека се во земјата.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот