Трамп во отворена војна со универзитетот Харвард/Фото: EPA-EFE/CJ GUNTHER

Трамп во војна со Харвард

Претседателството на Универзитетот во понеделникот предизвика сензација јавно спротивставувајќи се на барањата на администрацијата на Трамп, кои пак, според Белата куќа, имале за цел борба против антисемитизмот во универзитетските кампуси.

Администрацијата на американскиот претседател Доналд Трамп повторно се закани, овој пат дека ќе му забрани на американскиот универзитет Харвард да прима странски студенти доколку не се согласи да подложи на контрола во врска со приемот на студенти, академското регрутирање и неговата политичка ориентација.

– Ако Харвард не може да покаже дека е во целосна согласност со своите обврски, Универзитетот ќе ја изгуби привилегијата да запишува меѓународни студенти – се вели во соопштението на американското Министерство за домашна безбедност.

Доналд Трамп од средата ги заостри критиките за Харвард, заканувајќи се дека ќе му ги одземе федералните субвенции, покрај тоа што ќе му го одземе правото да прима странски студенти, бидејќи овој Универзитет стана цел на битката на претседателот против најистакнатите образовни институции во САД.

Харвард „учи на омраза и глупост“ и „веќе не треба да добива федерални средства“, напиша американскиот претседател на својата мрежа Трут сошал, три дена откако укина 2,2 милијарди долари повеќегодишни федерални грантови за Универзитетот.

Два медиуми, Си-ен-ен и Вашингтон пост, веќе објавија дека Доналд Трамп и официјално побарал од американската даночна служба (ИРС) да го укине даночното ослободување што го ужива Харвард.

Притисок врз Харвард

Претседателството на Универзитетот во понеделникот предизвика сензација јавно спротивставувајќи се на барањата на администрацијата на Трамп, кои пак, според Белата куќа, имале за цел борба против антисемитизмот во универзитетските кампуси.

Во оваа конфронтација меѓу конзервативниот претседател и големите универзитети на САД, Доналд Трамп одговори дека Харвард, основан пред четири века, „повеќе не може да се смета за пристојно место за учење и не треба да биде вклучен во ниту една листа на големи универзитети во светот“.

Според него, Харвард главно регрутира „радикални левичари, идиоти и мозоци на врапчиња“.

Универзитетот, кој се наоѓа во Бостон, има приближно 30.000 студенти и има образовано 162 нобеловци. Со години е на врвот на рангирањето на Шангајската листа на светските универзитети.

Но, стана мета на конзервативците што ги напаѓаат американските универзитети, кои ги сметаат за премногу левичарски. Овие напади се интензивираа во пролетта 2024 година, за време на пропалестинските студентски протести против војната што ја води Израел во Газа.

Републиканците ги обвинија универзитетите дека не успеале да ги заштитат еврејските студенти, а претседателите на универзитетите, како оние на Харвард и на Колумбија, поднесоа оставки.

Доналд Трамп во вторникот побара од Харвард „да се извини“ и да се изјасни против неговото даночно ослободување, тврдејќи дека тој треба „да се смета за политички субјект сè додека продолжува да го брани своето политичко, идеолошко ‘лудило’ кое е инспирирано од тероризам и го поддржува“.

Овој приватен универзитет, кој има огромно наследство од над 50 милијарди долари, ужива даночно ослободување од федералните даночни власти и државата Масачусетс.

Одговорот од Харвард

Доналд Трамп го обвинува Универзитетот Харвард и другите високообразовни институции дека дозволуваат антисемитизмот да цвета во нивните кампуси, а неговата администрација побара од нив да спроведат низа мерки – вклучително и контрола на мислењата на студентите и на факултетот – или федералната влада ќе им ги прекине субвенциите.

Но, тоа беше одбиено од Харвард. Во писмото до студентите и до професорите, претседателот на Универзитетот Алан Гарбер во понеделникот потсети дека Харвард веќе презема мерки против антисемитизмот повеќе од една година и увери дека нема да се откаже од „својата независност или правата загарантирани со Уставот“, како што е Првиот амандман за слободата на изразување.

– Ниту една влада, без оглед на партијата на власт, не треба да им диктира на приватните универзитети што треба да предаваат, кого можат да примат или да вработат или за кои теми можат да истражуваат – додаде тој.

Овој став предизвика замрзнување на федералните грантови во вредност од 2,2 милијарди долари со непосреден ефект: на Сара Форчун, познатa истражувачкa, ѝ беше наредено да го прекине своето истражување за туберкулоза од федералната структура што го финансира, Националните здравствени институти (НИХ), изјави за АФП Школата за јавно здравје на Харвард.

Закана дополнително упати и Министерството за внатрешна безбедност дека Универзитетот ќе го загуби правото да запишува странски студенти.

Силниот одговор на Харвард беше поздравен од стотици професори и фигури на Демократската партија, вклучувајќи го и Барак Обама, поранешниот претседател, кој го поздрави „примерот“ на Универзитетот и изрази надеж дека другите „институции“ ќе продолжат по овој пат.

Харвард зазеде поинаков став од Универзитетот Колумбија во Њујорк, кој се согласи да преземе длабоки реформи, што некои ги гледаа како капитулација пред администрацијата на Трамп.

Колумбија, сепак, увери дека ќе одбие „секој договор што ќе нè натера да се откажеме од нашата независност“.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот