Трамп прави „хуманитарен гест“ со 15.000 војници и со ракети: Америка го пробива Ормускиот Теснец среде примирје
Според претседателот Доналд Трамп, операцијата е во интерес на САД, Иран и на неименувани блискоисточни држави, иако тој не откри конкретни детали за нејзиното изведување. Од друга страна, пак, Техеран предупредува дека секое американско „мешање во теснецот“ ќе го смета за директно кршење на примирјето.
Белата куќа соопшти дека Америка денеска ќе започне со обиди за ослободување на трговските бродови заглавени поради иранското затворањето на Ормускиот Теснец, објави „Би-би-си“.
Препорачано
Американскиот претседател Доналд Трамп изјави дека „Проектот Слобода“ е „хуманитарен гест“ и дека на секое мешање ќе му се „одговори со сила“.
Околу 15.000 припадници на американскиот воен персонал, разурнувачи со наведувани ракети и повеќе од 100 летала ќе бидат вклучени, соопшти Централната команда на САД, додавајќи дека американската блокада на иранските пристаништа ќе продолжи.
Овој потег доаѓа во време кога двете земји почитуваат привремен прекин на огнот, кој започна на 8 април, и додека работат на постигнување договор за траен мировен план.
Сепак, висок ирански функционер предупреди дека секој американски обид за мешање во теснецот ќе се смета за кршење на прекинот на огнот.
Затворањето на каналот од страна на Иран – кој е клучен за извозот на нафта од Заливот – предизвика глобален раст на цените на горивата, а исто така остави илјадници морнари заглавени на околу 2.000 бродови заробени во блокадата.
Америка очекува час поскоро Иран да се произнесе за планот за мир од 15 точки
Во објавата на Трамп на социјалните мрежи, тој наведе дека „земји од целиот свет“ ги прашале САД дали можат да помогнат во ослободувањето на бродовите, опишувајќи ги како „само неутрални и невини набљудувачи“.
Трамп додаде дека операцијата ќе се спроведе во име на САД, Иран и на други блискоисточни нации, без да наведе за кои земји станува збор. Тој не даде дополнителни детали за тоа како ќе се управува со операцијата.
Тој, исто така, рече дека американските претставници водат „многу позитивни“ разговори со Иран, и дека тие преговори „би можеле да доведат до нешто многу позитивно за сите“.
Околу 20.000 заробени морнари во Заливот се соочуваат со криза за залихи, додека блокадата на Ормускиот Теснец драстично ги покачува глобалните цени на енергијата.
Во меѓувреме, расте тензијата откако неидентификуван проектил погоди танкер. На дипломатски план, Техеран и Вашингтон разменуваат мировни предлози.
Иранскиот план од 14 точки бара повлекување на американските сили и прекин на израелската офанзива во Либан, но претседателот Доналд Трамп го отфрли како неприфатлив, истакнувајќи дека Иран не платил „доволна цена“.
Додека Иран негира преговори за нивната нуклеарна програма, Трамп остава отворена можност за нови воени напади, нагласувајќи дека американската војска нема да се повлече од конфликтот.
Ја презедовме нафтата, ние сме како пирати, вели Трамп по запленетиот брод на Иран


