Трамп можеби е сенилен, а можеби само не му е гајле
По многубројните необични потези на американскиот претседател, дел од јавноста се прашува дали тие се почетни знаци на деменција, а демократите веќе покренаа петиција за импичмент на Доналд Трамп.
Американскиот претседател е карактеристичен по тоа што не ги почитува дипломатските протоколи, ниту, пак, е предвидлив во своите постапки. Доналд Трамп ненадејно ја нападна Венецуела, па Иран, се закануваше дека „цела цивилизација ќе исчезне”, за потоа да склучи примирје со Техеран, објавува слики генерирани од вештачка интелигенција на кои е прикажан како Исус, дава збунети, тешко разбирливи и понекогаш вулгарни изјави – што неминовно го повлекува прашањето: Дали тој е добро?
Препорачано
Демократите во САД сега бараат импичмент на Трамп преку 25-от амандман кој предвидува отстранување на претседател кој не може да ја извршува функцијата. Досега, овој амандман никогаш не бил применет. Дури и некои десничари го поддржаа повикот, а критиките доаѓаат и од луѓе кои директно работеле со американскиот претседател. Ти Коб, поранешен адвокат на Белата куќа за време на првиот мандат на Трамп, го нарече претседателот „човек кој очигледно е луд”, додавајќи дека неговите воинствени објави среде ноќ ја покажуваат неговата нестабилност. Стефани Гришем, поранешна портпаролка на Белата куќа, исто така смета дека „очигледно тој не е добро”. Слични загрижености изразуваат лекари и други поранешни сојузници, додека Белата куќа ги отфрла таквите оценки, тврдејќи дека Трамп е бистар и дека своите противници ги држи во неизвесност.
Трамп реагираше на овие критики со долга и гневна порака на социјалните мрежи, нарекувајќи ги своите критичари „лудаци” и тврдејќи дека „нивните семејства знаат дека се глупави, а и сите останати го знаат тоа”. Овој одговор само ги зацврсти сомнежите.
Неговите испади се случуваат во период кога Америка е вмешана во повеќе глобални кризи, а психофизичката состојба на лидерот на Америка е исклучително важна за целиот свет. Дел од јавноста се прашува дали менталното здравје на американскиот претседател е навистина нарушено или, пак, станува збор за политичка тактика.
Сè повеќе повици за импичмент на Трамп поради здравствени проблеми
Покажува ли Трамп знаци на заборавеност?
Трамп честопати мешал термини и имиња на земји и на личности. На пример, повеќепати тврдеше дека неговиот татко е роден во Германија, иако е роден во Бронкс, Њујорк. Еднаш се пофали дека ставил крај на „војната меѓу Камбоџа и Ерменија”, иако веројатно мислел на конфликтот меѓу Ерменија и Азербејџан, а во неколку наврати ја помеша Ерменија со Албанија. Во еден наврат осум минути зборуваше за отровни змии во Перу на божикна забава, а во друг наврат, среде брифинг за ситуацијата во Иран, го прекина разговорот за да ги пофали завесите во Белата куќа. Во јануари оваа година, за време на самитот во Давос, Трамп најмалку четирипати го помеша Гренланд со Исланд, а на 12 март, за време на настан во Белата куќа посветен на Месецот на женската историја, Трамп ја нарече својата актуелна портпаролка Керолајн Левит, „Келијан”, очигледно мешајќи ја со поранешната советничка од неговиот прв мандат, Келијан Конвеј. Списокот е долг и неисцрпен.
Загриженоста за здравствената и за когнитивната состојба на Трамп се јави уште за време на неговата кампања во 2024 година, кога анализите на неговите говори покажаа пократки реченици, почести отстапувања од темата, поголема употреба на вулгарен јазик и збунетост, што експертите го поврзуваат со когнитивен пад. Во текот на вториот мандат, загриженоста станува поголема. Забележани се модрини на рацете на Трамп, фатен е како дреме на кабинетски состаноци, а има и сè почести грешки во говорот.
Уште за неговиот прв мандат, психијатарот Џефри Либерман објави статија во која го коментираше менталното здравје на Доналд Трамп. Тој изјави дека, согласно правилото Голдвотер, не треба да се поставуваат дијагнози на јавни личности, но нагласи и дека проценката на претседателската способност не смее да се остави само на политичарите. Сепак, тој постави дијагноза на „почетна деменција”, но не беше санкциониран од Американската психијатриска асоцијација.
Вашингтон пост во 2024 година објави интервјуа со медицински експерти кои сметаат дека Трамп веројатно има зголемен генетски ризик од деменција. Неговиот внук Фред Трамп Трети изјави дека кај претседателот ги гледа истите знаци на деменција што ги забележал кај Трамповиот татко, Фред Трамп Постариот, кој бил дијагностициран со Алцхајмерова болест во 1991 година, на 86-годишна возраст, осум години пред да почине.
Медицинскиот аналитичар Вин Гупта смета дека однесувањето на Трамп може да биде знак на рана Алцхајмерова болест или на фронтотемпорална деменција.
Можеби станува збор за неговиот карактер
Другото објаснување е дека можеби на американскиот претседател не му е гајле за имињата коишто ги спомнува, па затоа и не ги памети.
Според психологот Тод Гранде, кој профилира славни, однесувањето на Доналд Трамп јасно се совпаѓа со обрасците на нарцизмот. Гранде посочува дека постојат два типа нарцизам, грандиозен и ранлив, и тврди дека Трамп покажува претежно грандиозни карактеристики: арогантност, самоувереност, отпорност на критика и постојана потреба за восхит. Како примери ги наведува изјавите на претседателот дека „никој не знае повеќе од него” и дека е „можеби најинтелигентниот во историјата на светот”.
Уште во првиот мандат на Трамп, повеќе од 70.000 експерти за ментално здравје потпишаа петиција предупредувајќи за неговата потенцијална опасност, иако професионалните стандарди забрануваат дијагностицирање јавни личности без лична проценка.
Помеѓу голем број психолози постои консензус дека Трамп покажува знаци на нарцизам, антисоцијално и параноидно растројство на личноста, а и можно е да има хиперактивно растројство, што би го објаснило и неговото импулсивно однесување.
Меѓутоа, психијатарот Ален Франсис, коавтор на ДСМ-5, се противи на ваквите јавни дијагнози, тврдејќи дека Трамп претставува политички проблем кој бара политичко решение и затоа не треба да му се лепи психолошка етикета.
Јавноста е загрижена
Историчарот Џулијан Зелизер од Универзитетот Принстон смета дека ситуацијата денес ги надминува дури и скандалите како „Вотергејт“ со некогашниот претседател Ричард Никсон, кој беше фатен дека ги прислушкува демократите, бидејќи сè се случува јавно, во ерата на социјалните мрежи и на кабелската телевизија.
– Дополнително, за разлика од првиот мандат, денес практично нема советници кои би се осмелиле да го запрат (претседателот Доналд Трамп, н. з.). „Кога прави тоа што го прави, сите околу него го спуштаат погледот – вели Зелизер.
Ова е значајна разлика во однос на првиот мандат, кога некои функционери работеле зад кулисите за да ги ублажат неговите одлуки.
Јавноста, исто така, сѐ повеќе покажува скепса за американскиот претседател. Анкета на „Ројтерс“ и на „Ипсос“, спроведена во февруари оваа година, покажа дека 61 отсто од Американците сметаат дека Трамп станал поизбувлив со возраста, додека, пак, само 45 отсто го сметаат за „ментално бистар и способен да се справи со предизвиците” – пад во однос на 54 отсто во 2023 година. Дополнително, речиси половина од Американците во анкета на британската компанија „Југов“ изјавиле дека Трамп е престар за претседател, во споредба со само 34 отсто во почетокот на 2024 година.
Без оглед дали станува збор за смислена стратегија, ментално растројство или, пак, за деменција, Америка е соочена со прашање на кое нема лесен одговор.


