Трамп: Мировниот комитет за Газа ќе биде составен од лидери на големи земји
Американскиот претседател Доналд Трамп изјави дека идниот Комитет за мир, кој ќе биде задолжен за управување со Газа во следните две години, ќе вклучува лидери од многу големи земји.
Препорачано
„Се надевам, Ваше Кралско Височество, дека ќе бидете во комитетот“, му рече Трамп на саудискиот престолонаследник Мохамед бин Салман за време на вечерата во Белата куќа што ја приреди во негова чест, објави денес „Тајмс оф Израел“.
Трамп додаде дека „сите сакаат да бидат во комитетот“ и дека веројатно ќе биде „прилично голем“, бидејќи ќе вклучува шефови на големи земји.
Изјавата дојде еден ден откако Советот за безбедност на ОН усвои резолуција со која му се дава на Комитетот за мир предводен од САД широк мандат да управува со Газа до крајот на 2027 година.
Американскиот претседател му се заблагодари на бин Салман за неговата улога во посредувањето за прекинот на огнот во Газа минатиот месец.
„Иако изгледа малку хаотично, Газа се приближува кон тоа да се воспостави совршен ред“, рече Трамп.
Тој, исто така, им се заблагодари на „сите луѓе што живеат во Газа“, тврдејќи дека почнале да се враќаат во своите домови и сега се „побезбедни од кога било досега“. Сепак, како што истакнува израелскиот портал, огромното мнозинство од Газа е уништено, а значителен дел од населението од околу два милиони луѓе сè уште живее во шатори.


