Трајчевска пред Белгија: Не се плашиме од никого, ќе се бориме до крај

Фото: КФСМ

Нена Трајчевска ќе биде новиот капитен на нашата женска селекција во наредниот период. Во отсуство на Анџелика Митрашиновиќ, искусното крило ја доби довербата на стручниот штаб и своите соиграчи, и ќе ги предводи девојките во дуелите со селекциите на Белгија и на Германија во овој ноемвриски квалификациски ФИБА „прозорец“ во кој се брка пласман на Европското првенство кое во 2023 година ќе се одржи во Израел и Словенија.

„После цела година без тренинг, повторно се собравме, сепак, некомплетни. Ни недостасува најдобриот домашен играч, Анжелика Митрашиновиќ и уште неколку играчи од Италија кои не можат да бидат со нас. Факт е дека во изминатиот период трениравме некомплетни. Но ќе дадеме се од себе да дојдеме до позитивен резултат. Против нас ќе имаме големи кошаркарски имиња, но ние нема да се предадеме“ – вели една од нашите најискусни кошаркарки во пресрет на вечерашниот дуелот со Белгија.

За разлика од претходниот „прозорец“, односно по една година, имаме и промена во играчкиот ростер, поврзана со натурализирана кошаркарка. На местото на Девана Бонер сега во составот на селекторот Александар Ашаданов е Мерит Хемпе, кошаркарка на чешката УСК Прага.

„Да, како засилување ја имаме Мерит Хемпе. Се работи за одлична личност, се запознавме и заедно сме неколку дена. Мислам дека многу ќе ни помогне на теренот“.

Трајчевска има свои очекувања за мечот закажан за 20.30 часот во Арената „Спортплаза“ во Ловен, кој ќе биде директно пренесуван на Sport Klub 3 HD.

„Јас лично мислам дека можеме да се натпреваруваме со секоја репрезентација. Германија ни е попозната бидејќи игравме против неа во претходниот циклус. Но Белгија има неколку познати кошаркарки и е една од најсилните во Европа. Пак ќе кажам дека не се плашиме од никого, излегуваме да се натпреваруваме и ќе се бориме до крај“ – вели нашето крило пред продолжението на квалификациите.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот