Трагичната животна приказна на Лиза Мари Присли: Го изгуби татка си на девет години, а син ѝ изврши самоубиство на 27-годишна возраст

Фото: Profimedia

Музичарката Лиза Мари Присли почина на 12 јануари, на 54-годишна возраст, како последица на срцев удар. Таа беше единствената ќерка на „кралот на рокенролот“ и плод на големата љубов помеѓу Елвис и Присила Присли. Лиза го наследи талентот за музика од татко ѝ, а неверојатната убавина од мајка ѝ. Со други зборови, таа беше совршена комбинација, но животот не ѝ сервираше убави нешта.

Веста за смртта на Лиза Мари ја потврди нејзината мајка Присила.

„Со тешко срце морам да ја споделам тажната вест дека мојата прекрасна ќерка Лиза Мари нѐ напушти. Таа беше најстрасната, најсилната и најсаканата жена што некогаш сум ја познавала. Бараме приватност додека се обидуваме да се справиме со оваа длабока загуба. Ви благодариме за љубовта и молитвите. Засега нема да има дополнителни коментари“, изјави Присила.

Два дена пред да биде хоспитализирана, Лиза се појави на годинашното доделување на филмските награди Златен глобус, заедно со повеќе членови на своето семејство. Тие беа присутни на настанот како поддршка на главниот актер Остин Батлер и режисерот Баз Лурман, кој го сними биографскиот филм за Елвис Присли – „Елвис“.

Детство под рефлектори

Елвис Присли ја живееше најголемата популарност во 1968 година, кога ја доби својата единствена ќерка – Лиза Мари. И додека целиот свет го доживуваше како „крал“, тој ја чуваше својата ќерка како вистинска принцеза.

Присила и Елвис Присли се разделија во 1972 година.

Лиза Мари имаше само девет години кога Елвис почина на 42-годишна возраст, во 1977 година.

Во своите тинејџерски години таа почнала проблематично да се однесува и да експериментира со консумација на дроги. Како последица на нејзиното проблематично однесување, мајка ѝ морала да ја презапишува во повеќе приватни училишта.

Во 2003 година Лиза Мари изјави дека во детството била „осамено, меланхолично и чудно дете“.

„Во еден период од животот, јас бев навистина деструктивна кон себе. Никогаш не се вклопив на училиште. Едноставно, не сакав насоки“, изјави таа за „Лос Анџелес тајмс“.

Елвис, Присила и Лиза Мари во 1968 година / Фото: The Hollywood Archive / Hollywood Archive / Profimedia

Свој музички печат

Лиза Мари ја започна својата музичка кариера во 2003 година, со објавувањето на дебитантскиот студиски албум „To Whom It May Concern“, кој стигна до високото петто место на музичката топ-листа „Билборд 200“.

Таа ги напиша речиси сите стихови на албумот и даде свој придонес во создавањето на секоја мелодија. Во тоа време Лиза Мари изјави дека морала да се соочи со притисокот и споредбата со нејзиниот легендарен татко.

„Ако размислував и ако се грижев за тоа, јас никогаш нема да го направам тоа што вистински сакав да го правам. Па, морав да престанам да се грижам за споредбата“, рекла Лиза Мари во емисијата на Лари Кинг.

Лиза Мари Присли / Фото: MediaPunch / BACKGRID / Backgrid USA / Profimedia

Љубовен живот

Паралелно со музичката кариера, Лиза Мари ѝ беше интересна на јавноста и поради љубовниот живот. Имено, како непоправлив романтичар, таа стапи во брак дури четирипати.

Лиза Мари се омажи за музичарот Дени Кио во 1988 година, со кого ги доби ќерката Рајли и синот Бенџамин Сторм.

Двојката се раздели во мај 1994 година, а само два месеци подоцна Лиза Мари стапи во брак со пејачот Мајкл Џексон, нешто што стана главна тема во сите естрадни написи. Во 2003 година, таа изјави дека главната причина поради која се заљубила во Џексон била дека „го доживеала како емотивен и несфатен маж, кој посакала да го спаси“. Лиза Мари и Мајкл ставија крај на нивниот брак во 1996 година.

Потоа, Лиза Мари се омажи за актерот Николас Кејџ, но нивниот брак траеше само три месеци, поточно од август до ноември 2002 година.

Во 2006 година, таа стапи во брак со продуцентот Мајкл Локвуд. Една година подоцна, тие станаа родители на близначките Финли и Харпер. Но, и овој брак на Лиза Мари заврши со развод во 2016 година.

Лиза Мари Присли и Мајкл Џексон во 1994 година / Фото: Courtesy Everett Collection / Everett / Profimedia

Трагичната загуба на синот

Во 2020 година, нејзиниот син Бенџамин Кио изврши самоубиство на 27-годишна возраст. Ова, несомнено, беше најголемата трагедија во нејзиниот живот.

Минатата година, таа напиша есеј во кој се отвори за загубата на синот.

„Нашите животи засекогаш се уништија со неговата смрт. Ние секојдневно живееме со тоа. Тагата е нешто што го носиш со себе до крајот на животот. И, наспроти она што некои луѓе го велат, не е нешто што само го надминуваш“, напиша Лиза Мари.

Во есејот, таа сподели дека многу ѝ помогнала поддршката што ја добила од луѓе што се соочиле со слични трагедии.

„Морав да продолжам понатаму поради моите ќерки. Продолжувам бидејќи знам дека син ми во своите последни моменти ни даде до знаење дека грижата за неговите сестри му е најважна. Тој апсолутно ги обожаваше, но и тие него“, напиша таа.

Бенџамин Кио и Лиза Мари Присли / Фото: Copetti/Photofab / Shutterstock Editorial / Profimedia

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот