unsplash

Трагедија во Австралија – почина 12-годишното момче нападнато од ајкула

Момчето почина една недела по нападот во сиднејското пристаниште, откако се здоби со тешки повреди на двете нозе.

Една недела по тешкиот напад од ајкула во сиднејското пристаниште, во болница почина 12-годишниот австралиски државјанин Нико Антиќ, соопшти денеска неговото семејство, објави „Ројтерс“.

Трагичниот инцидент се случил во неделата во населбата Воклиз, на околу девет километри од деловниот центар на Сиднеј, кога момчето со група другари скокало од карпи во морето.

Како што пренесува Ројтерс, ајкулата го нападнала додека бил во вода, при што се здобил со тешки повреди на двете нозе. Неговите пријатели успеале да го извлечат на брегот, по што итно бил пренесен во болница.

Портпарол на Итната медицинска помош изјави дека Нико бил извлечен од водата на плажата Шарк, во рамки на паркот Нилсен, во источниот дел на Сиднеј. Потоа бил транспортиран во Детската болница во Сиднеј, каде лекарите се бореле за неговиот живот поради сериозноста на повредите.

По нападот, плажата каде што се случил инцидентот е затворена, а полицијата апелираше до граѓаните да не влегуваат во морето. Локалните медиуми наведуваат дека заштитната мрежа за ајкули во паркот Нилсен била оштетена за време на силни бранови во април 2025 година, а санацијата била завршена на почетокот на декември. Се верува дека момчето во моментот на нападот се наоѓало надвор од заштитната зона.

Овој случај ја зголеми загриженоста во Австралија, особено откако во изминатите денови беа затворени десетици плажи, меѓу кои и во Сиднеј, поради четири напади од ајкули во рок од само два дена. Во септември, сурфер беше убиен од ајкула на плажата Лонг Риф во Сиднеј.

Според податоците на организации за заштита на природата, во Австралија годишно во просек се бележат околу 20 напади од ајкули, од кои приближно три завршуваат со смртен исход.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот