„Torta di ricotta“: Рецепт за торта која потсетува на чизкејк, а Италијанците ја јадат за Велигден

Фото: Инстаграм/„Le torte di Anna“

„Torta di ricotta“, или во превод – торта со рикота, е вкусен десерт кој често се подготвува за Велигден во Сицилија, но и во останатиот дел од Италија. Секако, името го добила по главната состојка – кремастото сирење рикота, пишува „Пун куфер“.

Филот на база на рикота се става на подлога за пити, односно „pasta frolla“, и сè заедно се пече во рерна. За да биде тортата совршена, важно е тестото добро да го оладите во сите фази на подготовката.

Оваа торта има многу варијации – во кремот се додава сè, од овошје до чоколадо, додека вкусот на основниот рецепт многу потсетува на чизкејк.

Потребни состојки:

  • 450 гр рикота
  • 225 гр брашно
  • 170 гр шеќер
  • 100 гр путер
  • 100 гр намаз со сирење
  • 3 јајца
  • 2 лажици ледена вода
  • 2 лажички екстракт од ванила
  • 1/2 лажичка прашок за пециво
  • шеќер во прав
  • кора од половина лимон

Подготовка:

Подготовка на тестото: Мешајте го путерот со 60 грама шеќер, сѐ додека не добиете мазен крем. Додадете едно јајце. Постепено додавајте брашно, прашок за печиво и две лажици студена вода. Тестото обликувајте го во форма на топка, завиткајте го во пластична фолија и ставете го во фрижидер околу два часа.

Ставете го оладеното тесто помеѓу две парчиња хартија за печење и расукајте го со дебелина од околу 3 милиметри. Тестото префрлете го во калапот за тарт и добро притиснете го по рабовите, па ставете го во замрзнувач десетина минути.

На изладеното тесто во калапот ставете керамичките топчиња за печење, па печете во загреана рерна на 200 степени целзиусови околу 20 минути или додека рабовите не добијат убава златна боја.

Отстранете ги керамичките топчиња и продолжете со печењето уште 10 минути додека основата на тестото не добие убава златна боја. Извадете го тестото од рерната.

Подготовка на кремот: Мешајте ги рикотата и намазот со сирење, сѐ додека не добиете мазен крем. Додадете го преостанатиот шеќер, двете јајца, екстрактот од ванила и ренданата кора од лимон.

Добиениот крем истурете го на печената подлога и вратете ја во рерна на 150 степени целзиусови триесетина минути.

Тортата целосно изладете ја, па ставете ја во фрижидер околу два часа.

По желба, послужете со шеќер во прав.

Добар апетит!

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот