Тодоров: Го загубивме натпреварот во првото полувреме

Фото: kfsm.mk

Селекторот на кошаркарската репрезентација на Македонија, Александар Тодоров, вели дека лошата игра на неговите кошаркари во првото полувреме е главната причина зашто „црвено-жолтите“ не обезбедија пласман на ЕП 2022 година. Македонија во одлучувачкиот натпревар за пласман на Евробаскетот оствари пирова победа од 86:84 над Естонија, но за учество на континенталниот собир ни беше потребен триумф од девет или повеќе поени.

– Го загубивме натпреварот во првото полувреме, кога дозволивме многу отворени шутеви на противникот. Потоа се обидовме да направиме нешто како вчера, но тоа не беше доволно. Се обидовме да се избориме за продолжение, но Естонија очигледно ја прочита нашата идеја, па почнаа и намерно да промашуваат шутеви на крајот. Лично, јас сум разочаран, но истовремено сум многу горд на оваа група момци бидејќи навистина успеавме да создадеме еден тим, но овој пат тоа не се покажа како доволно – вели Тодоров кој по натпреварот ја коментираше и одлуката Ненад Димитријевиќ да настапи против Естонија иако вчера во дуелот со Италија заработи повреда на коленото:

– За мене не беше тешко да го ставам Нено во игра. Тоа беше единствената можна одлука. Благодарен сум му на него и на нашиот медицински персонал кој успеа да го оспособи колку што тоа е возможно Димитријевиќ да настапи на овој натпревар кој беше од огромна важност за нас. Само играчи кои се вистински патриоти и кои ја сакаат својата земја можат да го направат тоа. Тој се докажа и покажа дека е лидер на овој тим во следните 10 години. Го даде најдоброто од себе, со оглед на тешката повреда и играше со болки. Навистина сум му благодарен за неговата одлука.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот