„Тоа е политички незрел потег“, вели Митева за ултиматумот на СДСМ за техничката влада
Портпаролката на Владата, Марија Митева, рече дека е „политички незрел потег и постапувањето на ваков начин не носи ништо добро во интерес на граѓаните“, откако лидерот на опозициската СДСМ, Венко Филипче, постави услови за Пржинската влада и дека оваа партија ќе се повлече од работната група за Изборниот законик.
Препорачано
Според Митева, институциите мора да бидат демократски, а владата на ВМРО-ДПМНЕ тоа го покажала во секојдневното работење, заради што, како што посочи, „треба да се напуштаат моделите од минатото“.
„Не можам да разберам како Филипче вчера кажа дека имаме пораст на гласовите, а денеска дека е против укинувањето на техничката влада, за која во минатото беа согласни дека треба да се укине“, рече Митева.
Претходно денес, лидерот на СДСМ, Венко Филипче, му постави ултиматум на премиерот Христијан Мицкоски – Владата да ги повлече измените на Законот за Влада со кои се укинува техничката влада, во спротивно СДСМ ќе ја напушти работната група за Изборниот законик.
„На овој начин којшто е целосно автократски манир на владеење, оваа влада не треба и не може да се укине. Таа е единствен гарант за спроведување на фер и демократски избори. Кога власта има целосна контрола врз судството и се именуваат партиски послушници за судии и обвинители, кога премиерот со своите чувства дели наредба на обвинителите и кога не се знае како и на кој начин се употребуваат податоците од системот „Безбеден град“, ова едноставно не смее да се случи. Ова е еднакво на манирот на владеењето на Никола Груевски од 2006 до 2016 година“, рече Филипче.


