Титовиот „Син воз“ – луксуз што чинеше милијарда долари
Титовиот „Син воз“, симбол на луксуз и технолошка супериорност на Југославија, денес е „музеј на шини“ што привлекува многу посетители. Во времето на неговото создавање, само четири земји во светот имале слични претседателски возови, а според проценките, неговата оригинална вредност денес би била дури една и пол милијарда долари, пишува списанието Бизнис&Финансије- пренесува Каматица.
Препорачано
Иако Тито првично го користел стариот кралски воз, во 1956 година била донесена одлука за изградба на специјален претседателски воз. Дизајниран од белградската „Машиноградња“ и произведен во фабриките во Смедеревска Паланка и Марибор, возот бил ставен во употреба во 1959 година. Се состоел од десет вагони, а се напојувал со локомотиви купени од „Сименс“ и „Џенерал Моторс“, од кои некои сè уште се во употреба денес.

Синиот воз достигна брзина до 140 км/ч, што беше максималната дозволена брзина во Европа во тоа време. Возот беше луксузно опремен, со мебел од махагони, орев и круша, волнени теписи и плиш. Можеше да прими до 150 патници, кои имаа трпезарии, радио, па дури и телевизор на располагање.
Возот беше и технолошки напреден за своето време. Покрај телефоните и телевизорите, тој поседуваше и сала за проекции на филмови. Интересно е што кујната зафаќаше цел вагон и беше опремена за подготовка на 300 оброци. Таа дури имаше и посебни замрзнувачи за секој вид храна, претходник на денешните стандарди.
Во текот на 20-те години патување со овој воз, југословенскиот претседател Јосип Броз бил домаќин на 60 претседатели, меѓу кои и британската кралица Елизабета и претседателите Брежњев, Насер и Гадафи. Денес „Синиот воз“ служи како музејски експонат во депото Топчидер, а неговата автентична околина често се користи за снимање филмови, серии и музички видеа, како што е епизодата од Херкул Поаро.


