Фото: МЕД

Тимови од ветеринари и ренџери ќе се грижат за повредени диви животни, се бараат пари да се направи и прифатен центар

Интервентни тимови, составени од ветеринари, ренџери од националните паркови, полицајци и други стручни лица, ќе се грижат за дивите животни, нивната безбедност, третманот ако се повредени, но и за безбедноста на луѓето од планинските места кои често доаѓаат во контакт со дивиот свет, пишува агенцијата Мета.мк.

Формирањето на овие тимови, го предвидува новиот закон за природа, кој министерот за животна средина Муамет Хоџа најави дека е поставен на единствениот национален електронски регистар (ЕНЕР) и е отворен за јавни коментари.

Во првиот период ќе има два интервентни тима кои ќе ги опфатат подрачјата на националните паркови „Шар Планина“ и „Маврово“, како и југозападниот дел во националниот парк „Галичица“, Охрид и Преспа, каде што контактите помеѓу дивите животни и луѓето се најчести, но и каде што се случуваат најголемиот број несреќи во кои страдаат животни.

Влатко Трпесвки, раководител на секторот за природа во Министерството, вели дека примерите на блиски средби на мечките со жители на мавровските села ја истакнаа потребата од тим кој ќе биде опремен и ќе има протокол за постапување во овие ситуации. Сепак, тој не прецизираше дали тие ќе имаат и овластување да застрелуваат мечки, кои според македонските закони, се заштитени животни.

ВИДЕО | Мечка и две малечки се бањаат во Радика, уживаат во раната пролет

„Постапувањето ќе се врши во согласност со утврдени протоколи, кои ќе обезбедат хуман третман на животните. Експертите, кои ќе бидат дел од овие интервентни тимови, ќе донесуваат одлуки на самото место за тоа како да се постапи со повреденото животно што ќе биде пронајдено“, вели Трпевски.

Тој посочи дека ќе се следат искуствата на вакви тимови од Хрватска и Словенија, каде тие работат на заштита на крупните ѕверови и брзо отстранување на секој вид опасност што може да се појави од интеракцијата меѓу животни и луѓе.

Министерството, за третманот на повредени диви животни ќе гради и прифатен центар, за кое е определена локација во скопско Инџиково, а во моментов се бараат финансии. Прифатилиштето, за кое се зборува долги години, и кое би се користело за третман на повредени крупни ѕверови и птици, е проценето дека би чинело меѓу 200.000 и 300.000 евра.

Дотогаш, според Трпевски, ќе се користат капацитетите на скопската и битолската зоолошка градина, кои и досега излегувале во пресрет за згрижување на болни или повредени диви животни.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот