ТФТ го почнува настапот во АБА 2 лигата против Раднички Крагуевац
Денеска со почеток од 18.00 часот кошаркарите на ТФТ на гостински терен во салата „Језеро“ ќе го имаат својот прв натпревар од новата сезона во АБА 2 лигата, а ривал им е Раднички Крагуевац од Србија.
Препорачано
Играчите на ТФТ ја почнаа сезоната во македонскиот шампионат со две победи над Кожув и Работнички.
Тренерот на ТФТ, Боро Смилковски ги сподели очекувањата за денешниот дуел со Раднички:
– По пауза од една година, повторно сме дел од АБА 2 натпреварувањето, овој пат поискусни и со повисоки амбиции во однос на нашиот настап сезонава. Нѐ очекува дуел против тимот на Раднички Крагуевац, екипа со добро познато кошаркарско реноме во регионот и квалитетен состав – спој од искусни и млади играчи. Екипа која игра на голем број поседи и која игра со голема агресивност во одбраната, посебно на надворешните позиции. За нас после добриот почеток на сезоната, натпреварот ќе претставува вистински тест за досега сработеното и би ни дал своевидна евалуација на ростерот и потребите на екипата за такво натпреварување. Верувам дека и двете екипи влегуваат мотивирани и со свои амбиции и дека нема да изостане добра кошарка достојна за едно вакво квалитетно натпреварување како АБА 2 лигата – вели Смилковски.
Претходно вториот наш претставник во ова натпреварување, веќе го одигра својот меч од првото коло, МЗТ Скопје Аеродром дома со 75:63 го совлада српскиот Вршац.
– Ја отворивме сезоната со две победи во нашата лига, имаме одлична тимска хемија. Раднички има добра екипа, има предност што игра на домашен терен, но ако го контролираме скокот и играме брзо во нападот, ќе дојдеме до посакуваната победа во Крагуевац. Во АБА 2 оваа сезона целта ни е да бидеме во топ 8, јас ќе бидам оптимист и се надевам дека ќе се бориме за влез во АБА 1 – се зборовите на играчот на ТФТ Моцарт Скопје, Виктор Ташовски.
АБА 2 лига
Денеска
18.00 часот Морнар Бар – Студент
18.00 часот Раднички – ТФТ
20.00 часот Војводина Нови Сад – Приморје
Претходно:
Златибор – Јахорина 100:84
Хелиос Домжале – Слобода 82:80
Широки Бријег – Сутјеска 77:87
МЗТ Скопје – Вршац 75:63
Подгорица – Борац Бања Лука 73:75


