Тетовска свадба за паметење: Заразени младенци направиле голема веселба, дел од гостите завршија на кислородна поддршка

венчавка свадба
Архива / Unsplash / Louis Tosta

Врв на неодговорно однесување е последниот случај од Тетово, кога младоженци правеле свадба и покрај тоа што имале симптоми на ковид-19.

Случајот го потврди и доктор Илчо Ефкоски од тетовската болница во изјава за порталот СДК.

„Зетот и невестата дошле да примат инфузии за да се освежат пред свадба. Од дома се напиле парацетамол и не му пријавиле на докторот дека имаат температура. Целата свадба си ја истерале со сите салтанати. Дома направиле брзи ковид тестови, кои покажале дека сите во семејството се позитивни, ама не им поверувале на тестовите дека се точни, бидејќи самите си ги купиле во аптека. ПЦР тест не направиле. И сето ова како да не било доволно, па братот на младоженецот со семејството, каде дел биле позитивни, после свадба веднаш заминале на одмор во хотел во Албанија. За ова немаше да се дознае ако зетот да не заврши на Инфективното одделение со пневмонија. Сега следните од семејството се чекаат за хоспитализација“, изјави д-р Ефкоски.

Ова е само еден од случаите во низа кога поради обемните свадби во тетовско нагло порасна бројот на заболени и почнуваат да се пополнуваат болничките капацитети во тетовската болница. Поради тоа и владата донесе мерки, кои стапуваат на сила од 16 август, со кои се забрануваат свадби во затворен простор, а разните веселби потоа ќе може да се организираат само на отворено, со приложување на вакцинална потврда, која ќе ја проверува задолжителна редарска служба. Првично од владата известија дека овие мерки ќе важат во тетовскиот регион каде беше најкритично, но потоа се предомислија и ќе важат за целата држава.

Инаку во тетовската болница има уште само 10 до 15 слободни кревети, откако за само неколку денови беа исполнети вкупно 47 места од капацитетите, главно со пациенти кои покрај ковид, имаат и други хронични болести, што дополнително ја отежнуваат состојбата на лекување.

Имаме 47 пациенти кои се хоспитализирани а од нив 40 се потешки односно се на кислородна поддршка. Едно починато лице имаме од изминатата ноќ. Станува збор за пациенти кои се позитивни но покрај тоа имаат срцеви проблеми, проблеми на белите дробови, се опоравуваат од операции, кај нив треба да се воспостави срцевиот ритам. Зголемен им е бројот на ди димери, односно опасноста да добијат тромбоза е зголемена. Сите проблеми се следат како и проблемите со нивната хронична болест. Круцијалниот проблем е што пациентите со ковид се со хронични болести. Така што и без короната, ова се пациенти кои ги имаме цела година во болница за рутински прегледи, анализи и често се хоспитализирани. Од надвор луѓето мислат дека се работи за млади, здрави атлетски пациенти, но всушност станува збор за стари во години пациенти или млади со хронични болести. Проблемот е во тоа што треба да се третира и короната и хроничната болест. Најголем проблем ни е сега, тоа што ковид знае да прави тромбоза во некои системи, органи, бели дробови, инфаркти, тромбоза на бубрези и други органи, изјави доктор Гзим Нуредини за „Слободен печат“.

Тој вели дека новодонесените мерки за забрана на собирања, нема да даде резултат веднаш. Сепак болницата има централен довод на кислород, шото е олеснителна околност бидејќи вработените не мора да монтираат боци, бидејќи над 90 проценти од пациентите што се хоспитализираат имаат намалена сатурација и кислородот им е основна терапија. Во болницата има набавено и доволни количини на терапија во магацинот.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот