Тетово пет дена е без вода – луѓето полнат шишиња и буриња, бдеат ноќе кога чешмите по малку течат
Тетово со денови е без вода, а жителите на градот мака мачат да издржат, посебно оние кои живеат во повисоките делови од градот, јавува „Телма“. Борбата на луѓето во Тетово деновиве е да се складира вода за основните хигиенски потреби, а за пиење се купува.
Препорачано
„Па, петти ден како нема вода. Станувме многу доцна навечер, дури рани утрински часови, за да наполниме вода. Се снаоѓаме, немаме за основни потреби. Значи не можеш да се тушираш со пет минути што ќе ја пуштат“, реагира еден жител на градот.
Прекините во снабдувањето се случуваат често, велат тетовци.
„Се случува и еднаш месечно да нема по 2-3 дена вода, воопшто капка да капне. Принудени сме да се симнуваме во парк, кај што има јавни чешми. Од таму да полниме со буриња за да имаме за основни услови, во ВЦ да пуштиме вода“, коментира една тетовка.
Стручните лица од општинското претријатие за водовод велат дека количински вода има, но се соочуваат со чести дефекти. Како подолгорочно решение тие го наведуваат инсталирањето на дигитални водомери за да се спречи несовесното трошење на водата за пиење за други работи.
„Тој проект е неопходен за да може да се изврши рационализација при потрошувачка на вода и водоснабдувањето да се нормализира. Инаку сите капацитети на зафаќање на вода се изградени, постојат“, вели Борче Бојовски, инженер ЈП „Шар Тетово“.
Викендов интензивните дождови беа причина да се замати водата од природните извори, па двата водоснадувачки система беа исклучени од дистрибутивната мрежа. По разбиструвањето на водата, неколку дена постепено се вклучуваше целиот капацитет со кој располага водовод до домаќинствата. Претходно, надлежните открија дека некој намерно ги скршил цевките кои носат вода во градот од високите предели на Шар Планина.


