„Телма“: Осомничениот за „шпионскиот“ случај во претседателскиот кабинет е пензионер кој претходно бил армиски специјалец

Компјутерскиот техничар кој е осомничен за аферата во претседателскиот кабинет која како можен шпионски случај го истражува Обвинителството всушност бил пензионер кога било пријавено дека копира фајлови од компјутер во кабинетот, објави „Телма“, повикувајќи се на два извори запознаени со проблематиката.

Според телевизијата, осомничениот бил припадник на елитната армиска специјална единица „Волци“ каде бил подофицер надлежен за врски и комуникации во единицата. Бил преземен од Кабинетот во времето кога аѓунтант на тогашниот Претседател Ѓорге Иванов беше генералот Васко Ѓурчиновски.

Осомничениот ја вршел истата функција и во кабинетот на Стево Пендаровски, а продолжил и во третиот за него кабинет – актуелниот на Силјановска Давкова. На работа одел во кабинетот како надворешен соработник, а работното место му било во армиските специјалци каде се добива и бенефициран стаж. Поради тоа заминал во пензија, но бидејќи не можело да се добие одобрување од Министерство за финансии за ново вработување, осомничениот продолжил и како пензионер да го опслужува кабинетот на Претседателката.

Но, на 24-ти ноември лани, пензионираниот ИТ службеник предизвикал инцидент кој бил пријавен еден месец подоцна во МВР по што е отворена истрагата. Информатичкиот инцидент е откриен од друг компјутерски техничар во кабинетот, по што на сега осомничениот веднаш му е прекинат договорот, а во рамки на истрагата е осомничено лице со кое обвинителството и МВР се сретнале за време на активностите.

Претседателката Гордана Сиљановска-Давкова пред некој ден уверуваше дека безбедноста е на највисоко ниво и ја отфрли можноста од нејзиниот кабинет да се извлекувале доверливи податоци. Таа рече дека сите дописи што ги добива од НАТО, Агенцијата за национална безбедност, Агенцијата за разузнавање и од Генералштабот се во печатена форма и оти никој освен неа ги нема видено.

„Нема логичен основ за шпионажа“: Сиљановска-Давкова ги отфрла наводите за афера во нејзиниот кабинет

Во анонимна кривична пријава, потпишана од „група вработени во МВР“, за која објави „Слободен печат“, се изнесуваат сомнежи за шпионажа и индиции дека се извлекувале податоци од компјутерскиот систем во кабинетот на Претседателот на државата, а за случајот Обвинителството за гонење на организиран криминал и корупција потврди дека води предистражна постапка.

Оливер Спасовски за скандалот со наводен шпион во претседателскиот кабинет: Сериозни прашања за безбедносниот кредибилитет на државата

 

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот