Гордана Сиљановска-Давкова / Фото: Слободен печат / Методи Здравев

„Нема логичен основ за шпионажа“: Сиљановска-Давкова ги отфрла наводите за афера во нејзиниот кабинет

Претседателката Гордана Сиљановска-Давкова уверува дека безбедноста е на највисоко ниво и ја отфрли можноста од нејзиниот кабинет да се извлекувале доверливи податоци. Таа вели дека сите дописи што ги добива од НАТО, Агенцијата за национална безбедност, Агенцијата за разузнавање и од Генералштабот се во печатена форма и оти никој освен неа ги нема видено.

Во анонимна кривична пријава, потпишана од „група вработени во МВР“, за која објави „Слободен печат“, се изнесуваат сомнежи за шпионажа и индиции дека се извлекувале податоци од компјутерскиот систем во кабинетот на Претседателот на државата, а за случајот Обвинителството за гонење на организиран криминал и корупција потврди дека води предистражна постапка.

Сиљановска-Давкова сега вели дека „нема логичен основ“ за шпионажа бидејќи во нејзиниот кабинет немало електронска мрежа со доверливи информации.

„Обвинување за шпионажа е многу сериозно обвинување и мислам дека нема логичен основ за тоа. Ќе објаснам зошто. Имено, шпионажата се однесува на класифицирани или на строго доверливи податоци. Не знам колку знае јавноста, но во Кабинетот не постои електронска мрежа на класифицирани податоци, односно на податоци од доверлив или строго доверлив карактер. Сите документи од доверлив или од строго доверлив карактер, јас и само јас ги добивам во печатена, односно во хартиена форма“, рече претседателката.

Шпионска афера во Вила Водно: Семејни врски од Кабинетот водат кон земја која не е дел од НАТО?

Според информациите наведени во пријавата, под сомнение е ИТ-администратор во кабинетот на Претседателот. Во пријавата се споменуваат и други функционери од кабинетот и од Агенцијата за разузнавање, за кои имало сомнежи дека можеби учествувале во прикривање на доказите, па дури и високи владини функционери кои наводно ургирале кај претседателката и кај обвинителката да го затворат случајот.

„Според протоколот, читам, пакувам и го давам на лице од архивата кое поседува највисок сертификат „државна тајна“. Најчесто се враќаат кај испраќачот или одат во архивата. Ако комуникацијата е на ваков начин, објаснете ми со кои податоци, дури и да влезе некој во вашиот компјутер, може да посегне по шпионажа? Значи, не постои основ. Затоа и се чудам кога ќе видам разузнавачи дискутираат како сум била во опасност, безбедноста била во опасност заради шпионажа“ – рече Сиљановска-Давкова во гостувањето на Сител.

Таа додаде дека веднаш штом дознала дека има укажување од еден од вработените за упад во компјутерот, исконтактирала со Министерството за внатрешни работи. Претседателката го критикуваше постапувањето на ОЈО ГОКК, кое јавно сподели информации за предистражна постапка.

„Шокирана сум од Јавното обвинителство. Рековте предистражна постапка, а не постапка. Важи ли членот 289 од Законот за кривична постапка за Јавното обвинителство? Сите дејствија преземени во предистражната постапка од страна на јавниот обвинител или полицијата се тајна. Како тоа Јавното обвинителство комуницира преку медиуми и раскажува како и на кој начин контактира со Министерството за внатрешни работи? Згора на тоа, слушам една лаичка интерпретација на членот 8 од Законот за јавно обвинителство, каде што се вели дека Јавното обвинителство почитувајќи го принципот на презумција на невиност, приватен живот, достоинство, слобода на медиуми, правично судење, интегритет и така натаму, како и принципот на отвореност – веројатно од тоа се инспирира – ја информира јавноста за одделни случаи по кои и постапува. Немаме случај ние. Во предистражна постапка нема случај“, рече Сиљановска-Давкова.

Сомнежи за шпионажа во кабинетот на претседателката — Обвинителството истражува дали некој одавал тајни на странска служба

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот