Шпионска афера во Вила Водно: Семејни врски од Кабинетот водат кон земја која не е дел од НАТО?
Кабинетот на претседателката Гордана Сиљановска – Давкова како да ја послуша изјавата на премиерот Христијан Мицкоски „да ги заборавиме шпионските глодари“ и од понеделникот досега не излезе со никаков одговор на бројните прашања што ги испрати „Слободен печат“ за сомнежите кои ги потврди и Обвинителството за гонење организиран криминал и корупција дека се истражува наводно извлекување на податоци од компјутерите кај претседателката.
Препорачано
Сиљановска-Давкова единствено се огласи со изјава за државната агенција МИА, снимена на настан кој не беше јавно најавен. Таа практично единствено го искоментира одговорот од ОЈО ГОКК, кој ја збунил.
– Прво, квалификацијата шпионска афера и слично не сакам да ја коментирам. Јас почитувам поделба на власта, но не можам да не кажам дека малку сум збунета со одговорите на новинарските прашања или со објавите кои доаѓаат токму од Обвинителството за организиран криминал, во коишто се објаснува нивната комуникација со Министерството за внатрешни работи. Не, не бегам од изјави. Меѓутоа, мислам дека треба да се почитуваат одредбите од Законот за кривична постапка и во поглед на пресумпцијата на невиност, но како што реков и во поглед на собирање податоци и евентуално отворање на кривична постапка – изјавила претседателката.
Додека Кабинетот не ги одговара клучните прашања, сѐ побројни се шпекулациите која била странската служба каде што требало да завршат или завршиле информациите од висок државен интерес.
Во анонимната пријава, потпишана од „група вработени во МВР“, напишани се многу имиња на вработени во Кабинетот, Агенцијата за разузнавање, па дури и висок владин претставник, но она што отвора дилеми не е пријавениот ИТ-администратор, кој бил преземен од Кабинетот од друга институција, туку семејната врска на вработен на висока позиција, поставен со доаѓањето на Сиљановска.
Неговата врска води до земја која не е дел од НАТО-алијансата, поточно до автономна институција на Министерството за одбрана на таа земја. „Слободен печат“ испрати прашања до Кабинетот на претседателката за оваа врска, но и до амбасадата на оваа земја во Македонија, но официјален одговор и потврда не добивме.
ИТ-администраторот веќе со месеци не работи во институцијата, односно прекинат му е договорот за работа, но молкот од Кабинетот и оваа семејна врска отвора уште поголеми дилеми и прашања за предистрагата која ја води ОЈО ГОКК.
Според хронологијата на дејствијата кои ги објаснија од Обвинителството за гонење на организиран криминал, случајот бил отворен по аларм на МВР, но оттаму по пет месеци и покрај барањата на Обвинителството не се доставени снимките од видеонадзорот од претседателскиот кабинет, па се наметнаа и сомнежи дека имало обиди за прикривање.
Незаконското дејствие било пријавено од друг информатички техничар во Кабинетот и писмено бил известен генералниот секретар, за кого исто така има сомнежи дека се обидел да го прикрие случајот. Иако официјално потоа бил пријавен, сепак сега Обвинителството на чело со Ислам Абази открива дека тие давале наредби и преземале низа дејствија, но МВР сè уште не им доставило анализи за податоците кои биле извлекувани и криптирани, односно досега не ги декодирале.
Владата веќе ги отфрли тврдењата за каков било притисок од страна на владини функционери врз претседателката да се затвори аферата, а со исти тврдења излегоа и од Агенцијата за разузнавање, иако не ја коментира предистражната постапка.
– Агенција за разузнавање отфрла каква било инволвираност на свои припадници во веста што првично беше објавена на 19.05.2026 г., во некои медиуми и социјални мрежи за евентуално компромитирање класифицирани информации и НАТО комуникации. Во своето работење, Агенцијата доследно ги применува сите законски стандарди и протоколи за соодветно ракување и заштита на националните и НАТО класифицираните информации – велат од Агенцијата во одговор за „Слободен печат“.
Реакција не добивме единствено од Кабинетот на претседателката.
Филипче бара одговорност за аферата
Сомнежите за шпионската афера ги коментираше и лидерот на СДСМ Венко Филипче кој побара одговорност за овој како што го нарече „скандал“.
-Тоа е скандал којшто треба да се расчисти. Да има такво протекување на информации како што пишуваат медиумите од земја членка на НАТО е најмалку на ниво на скандал и тука луѓе треба да преземат одговорност вклучително и претстедателката. Но, тоа мене не ме изненадува. Па ние имаме вицепремиер, соработник на српските служби, Стоиљковиќ. Тој има комуникација со ноќните волци, луѓе блиски на Путин. Па тој на дневна осноива вади информации надвор од земјава. Така да тоа е концептот на оваа власт. Се чукаат во гради дека се за Европа, за НАТО, од друга страна ништо не прават – рече Филипче.
„Шпионски талог“ ги ширел сомнежите за аферата за шпионажа, а Абази создавал паника, вели Мицкоски


