Театарска премиера во Гостиварски театар: Добрината ќе го спаси светот

Веднаш по премиерата на фестивалот „Охридско лето“ Гостиварскиот театар ја постави претставата „Полковникот Птица“ од Христо Бојчев во режија на Андреј Цветановски на својата матична сцена.

Посветеност, ентузијазам, возбуда и чувство за историскиот чин беа присутни во Домот на културата во Гостивар, каде што е сместен Гостиварскиот театар, при изведбата на претставата „Полковникот Птица“ во режија на Андреј Цветановски. Посветеноста и ентузијазмот произлегуваат од желбата коректно да се прочита текстот, соодветно да се изгради карактерот и желбата тоа точно да биде изведено пред публиката.

Возбудата доаѓа од неколкумесечниот застој во театарската продукција и играњето пред публика на сцена во затворен простор во време на пандемија на коронавирус. Чувството на историскиот миг е факт што ќе остане запишан во театарските архиви, а тој е дека на 29 август 2020 година беше изведена првата професионална претстава на македонски јазик на сцената на Гостиварскиот театар.

Подготовките за премиерата во Гостивар почнаа со дезинфицирање на сцената и на гледалиштето, редуцирање на бројот на билетите што бесплатно им беа дадени на публиката и со разделување заштитни маски на сите што беа присутни во театарот. Сценографијата е веќе поставена, костимите и реквизитите се при рака, нема потреба од дополнителна проба, бидејќи премиерната изведба на претставата на фестивалот „Охридско лето“ се случи пред само три дена.

Гостиварскиот театар состави млада, динамична и посветена актерска екипа. Во „Полковникот Птица“ играат десет актер(к)и, а режисерот внимавал при поставувањето на претставата да нема директен контакт меѓу нив. Дејството во претставата се одвива во заборавена психијатриска болница сместена високо на една планина на Балканот. Духовите на пациентите ги разбранува доаѓањето на млада докторка, чија прва задача е да обезбеди храна, лекови и дрва за греење на болницата. Потоа од авион на ОН во непосредна близина на болницата паѓа пакет со храна и лекови наменет за Босна.

„Господ ги сака добрите“, вели една реплика во претставата, а хуманитарниот пакет комплетно ги менува животот и начинот на размислување на пациентите во болницата. Така „ненормалните“ почнуваат да се однесуваат понормално од „нормалните“. Ментални човечки урнатини се претвораат во визионери, стануваат сигурни во себе, носат правилни и праведни одлуки, а на крајот се случува и љубов.

Во претставата играат Ѓорѓи Нешкоски како полковникот Фетисов, Елизабета Клинчаревска-Младеновска е Докторката, пациенти се Марко Дојоски како Хачо Телевизорот, Береда Решид како Давуд, Марија Кондовска (Пепа), Аријан Ејупи (Матеј), Дритон Љазами (Киро), улогите на Илина и Петкана ги играат Кујтиме Ахмети и Ајше Усеини, додека Шоферот е Берат Махмути. Целата актерска екипа со својата едноставност и непретенциозност во градењето на ликовите создава чувство на симпатија кај публиката.

Сценографијата и костимографијата се на Сергеј Светозарев, а композитор на музиката е Димитар Андоновски. Гостиварскиот театар со поставувањето на „Полковникот Птица“ покажа дека и во „ненормални“ услови има капацитет, волја и знаење да постави претстава што во „нормални“ услови би се играла пред полно гледалиште.

Фотографиите се од премиерната изведба на претставата на фестивалот „Охридско лето“.

(Текстот е објавен во „Културен печат“ број 47, во печатеното издание на „Слободен печат“ на 5-6 септември 2020)

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот