Театарот за деца и младинци премиерно ќе ја изведе „Златокоса“, првата комплетно македонска куклена претстава
Театарот за деца и младинци (ТДМ) – Скопје ја најави премиерата на претставата „Златокоса“, работена по текст на Горјан Милошевски и Драган Довлев, во режија на Драган Довлев. Премиерната изведба ќе се одржи на 29 април (среда), а првата реприза на 30 април 2026 година (четврток), со почеток во 19 часот.
Препорачано
„Златокоса“ е современа сценска интерпретација на познатата бајка, која отвора важни прашања за детството, семејството и начинот на комуникација меѓу најблиските. Како што посочува коавторот Горјан Милошевски – драматург во Театарот за деца и младинци, „Златокоса е дете кое сака да си игра, кое сака топлина и љубов, но тие нешта како да се заклучени длабоко во нејзиното срце“, при што детето расте во средина обележана со недоразбирања и емоционална оттурнатост.
Во такви околности, Златокоса тргнува на патување низ шумата, кое ја носи до домот на трите мечки – место што наликува на сон, каде што „секој секого слуша, разбира, почитува, му помага и го љуби безусловно и без лутина“.
Драмскиот текст на Милошевски и Довлев ја следи внатрешната трансформација на детето, кое преку игра, пријателство и искрен однос со светот околу себе почнува да го открива „клучот“ до сопствените чувства и потреби.
Во тој процес, како што истакнува Милошевски, „клучот се крие онаму кајшто најмалку очекува, кај едно семејство ‘ѕверови’ што умеат да не викаат“, што отвора можност не само за лична промена, туку и за ново разбирање на домот од кој потекнува.
Иако наменета за деца, претставата носи слоевита порака и за возрасните, потсетувајќи на значењето на вниманието, трпението и емпатијата во секојдневната комуникација. Низ едноставна, но емотивно силна сценска форма, „Златокоса“ ја гради својата приказна како искуство за целото семејство.
На прес-конференцијата со која беше најавена премиерната изведба на претставата присуствуваа дел од уметничката и актерската екипа. Режисерот Драган Довлев, покрај детали за процесот на создавањето на претставата, изрази силно незадоволство од финансиската поддршка што ја добиле за реализација на проектот. Тој посочи дека биле побарани 597.000 денари, додека од Министерството за култура и туризам било одлучено да се доделат 300.000 денари за реализација на претставата, што, според него, е потценувачки износ за една театарска претстава, особено кога станува збор за детска куклена претстава.
– Но, се чувствувам многу добро, се чувствувам како да сум од вистинската страна од целава приказна. Многу е поубаво кога некој на овој начин ќе се изживува со твојот проект, отколку ти да паднеш толку ниско за да се изживуваш со нечии проекти. Заклучив дека оваа ситуација многу ме инспирира и дека е многу убаво кога ќе ја прифатите милостината и ќе почнете да создавате нешто убаво и нешто трајно, како што е театарска претстава – со иронија и силен револт изјави режисерот Драган Довлев.
Тој додаде дека можеби децата нема да видат раскош на сцената, но ќе го видат раскошниот талент на актерите што учествуваат во изведбата на претставата.
Актерската екипа на претставата ја сочинуваат: Симона Спировска, Наташа Петровиќ, Бојан Кирковски и Владимир Лазовски, додека во алтернации настапуваат: Анастасија Ласовска, Изабела Новотни и Драган Довлев.
За актерката Симона Спировска ликот на Златокоса е прва главна улога во претстава во ТДМ, втора улога во куклена претстава, а досега била дел од повеќе претстави на репертоарот на ТДМ.

Сценскиот свет на „Златокоса“, во кој шумата оживува, а мечките стануваат блиски како луѓе, го создава креативниот тим составен од: Кирил Василев (сценографија и дизајн на кукли), Игор Василев (композитор на музиката), Љубица Велкова (костимографија), Симона Спировска (кореографија), Оливер Ставрев (дизајн на светло) и Ангеле Насковски (звучен дизајн).
Куклите ги изработија Кирил Василев и Бранкица Јордановска, која воедно го потпишува дизајнот на плакатот, а функцијата инспициент ја извршуваат Ѓуро Дракулоски и Ирена Глигоровска. Реквизитери на претставата се Кирил Василев и Бранкица Јордановска.
Со оваа втора премиера годинава, Театарот за деца и младинци продолжува да создава претстави што потсетуваат колку е важно да се слушаме, разбираме и да зборуваме, и кои отвораат простор за приближување меѓу генерациите.


