Театарот има одговорност пред општеството

Промоцијата на книгата се одржа во ФДУ-Скопје

Издавачката куќа „Гаврош“, како особен чин кон одбележувањето на Светскиот ден на театарот – 27 март, на Факултетот за драмски уметности во Скопје ја промовираше книгата „Основните проблеми на режијата“ од режисерот и професор Хуго Клајн.

Исклучително значајно дело од областа на театарската уметност е книгата „Основните проблеми на режијата“ од театарскиот режисер и некогашен професор на Факултетот за драмски уметности во Белград, Хуго Клајн (1894-1981).

Роден во Вуковар, Хуго Клајн бил режисер, театарски критичар, преведувач, шекспиролог, автор на повеќе дела за театарот и еден од татковците на психоанализата во поранешна Југославија. Како ученик на Сигмунд Фројд, докторирал медицина во 1919 година на Медицинскиот факултет во Виена. Од 1945 година работел како режисер во Народно позориште во Белград. Предавал театарска режија на Факултетот за драмски уметности во Белград од 1949 година до пензионирањето.

Првото издание на книгата „Основните проблеми на режијата“ било објавено во 1951 година во Белград. На факултетите за драмски уметности книгата се користи како учебник за театарска режија и затоа е многу важна нејзината објава на македонски јазик. Во издание на „Гаврош“, книгата е објавена во превод на Ема Маркоска Милчин.

На луксузно дизајнираната корица на македонското издание на книгата е запишано: „’Основните проблеми на режијата‘ ги соочува режисерот, актерите и сите други учесници во правењето претстава дека правењето претстава не е само естетички, туку и етички чин. Театарот мора да го открие своето време и да проговори за него, доколку навистина сака да биде современик и да не заврши на маргините на културата и општеството“.

Во тој правец се движеа и говорите на промоторите Владимир Милчин, театарски режисер, и Кристина Леловац, актерка и професорка на ФДУ, на промоцијата што се одржа на Светскиот ден на театарот – 27 март.

Промоторот Владимир Милчин и уредничката Ника Гавровска

Режисерот Владимир Милчин истакна дека тоа е трето издание на книгата што го држи во рацете, но е прво на македонски јазик и е најлуксузно опремено во однос на претходните две изданија, како и дека подготовката и дизајнот на книгата се вистински подвиг и на издавачката куќа „Гаврош“ и нејзината уредничка Ника Гавровска, како и на преведувачката Ема Маркоска Милчин.

Како студент на Клајн, во своето обраќање Милчин посочи на повеќе факти од животот на авторот на книгата, но и на нивната взаемна комуникација по периодот на студирањето. На крајот посочи на мислата дека „театарот има одговорност пред општеството“, како една од пораките што Клајн ги оставил за новите генерации.

Актерката и професорка Кристина Леловац појасни дека во книгата „Основните проблеми на режијата“, во суштина, Хуго Клајн пишува за „Системот на Станиславски“, но при неговата практична примена на театарската сцена. „Делото е пишувано од позиција на праксата на професорот Клајн, и тоа од позиција на театарот што го гледал и го создавал, драмската литература којашто ја читал, ја поставувал и за која пишувал, како и за работата на актерите што ја гледал на сцената“, истакна Леловац. Извадоци од книгата на промоцијата читаше актерката Симона Спировска.

(Текстот е објавен во „Културен печат“ број 173, во печатеното издание на весникот „Слободен печат“ на 1-2.4.2023)

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот