Тавила: Реалност е дека ќе мора да живееме со вирусот подолго време

Плажа. / Фото: Архива на Слободен печат

Најважни работи за справување со тешката состојба предизвиката од пандемијата се да се биде иновативен, реалистичен, практичен и сите да бидат поодговорни со носење маски, оддржување дистанца и често и темелно миење на рацете е заклучотот на учесниците на вчерашната средба меѓу претставниците од туристичкиот сектор и од ОН.

Доколку се појави кластер што ќе биде поврзан со одредена туристичка локација, ќе биде исклучително штетен за бизнисот, како и за неговото влијание на јавното здравје, вели шефот на канцеларијата на Светската здравствена организација (СЗО) во Скопје, Џихан Тавила.

Таа на вчерашната средба со претставниците од туристичкиот сектор и претставниците од ОН истакна дека реалност е дека ќе мора да живееме со вирусот подолго време.

На средбата било констатирано дека туристичките знаменитости може и треба да се уживаат, но мерките и протоколите мора да се почитуваат за да се надмине КОВИД пандемијата.

Според учесниците, можно е во вакви услови да се биде и иновативен, да се редефинираат и прошират можностите во секторот. Безбедниот туризам може да стане нов стандард.

-Тоа што се случува во овој сектор не се однесува само на овој дел од економијата, туку и на здравјето, на добросостојбата на луѓето во земјата, на целата економија и на локалниот развој. Тоа што е важно е сите да разбереме дека животот мора да продолжи, дека работата мора да продолжи, но мора да се следат и мерките и протоколите за заштита, за да се избегне поголема штета, рече Росана Дуџак, постојан координатор на ОН во Северна Македонија.

Претседателот на Хотелската асоцијација на Македонија (ХОТАМ), Крсте Блажески, информира за тешкотиите со кои се соочува туристичкиот сектор од почетокот на пандемијата, а зборуваше и за значењето на заедничките напори да се надмине кризата.

Тој укажа и на потребата од напорите да се зачуваат работните места и платите на вработените.

Дарко Димовски од Сојузот на синдикати ја посочи долгорочната важност од зачувување на работните места во сегашната ситуација.

-Работиме напорно, а учествувавме и во изготвувањето на мерките за заштита на работните места што ги подготви Владата, зашто не сакаме луѓето што сега работат да ги загубат работните места и да ја напуштат земјата веднаш штом кризата ќе стивне, потенцира Димовски.

Учесниците на состанокот се согласија дека најважни работи за справување со тешката состојба предизвиката од пандемијата се да се биде иновативен, реалистичен, практичен и сите да бидат поодговорни со носење маски, оддржување дистанца и често и темелно миење на рацете.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот