Тасевски: Во нормални земји упадот во Контрола за летање би се третирал веројатно како терористички напад

Александар Тасевски/Фото: МИА

Контролата на летање е институција којашто е од државно безбедносен карактер, вели Александар Тасевски, претседател на синдикатот на контролорите на летање од македонската навигација. Во нормални земји, упадот во Контрола за летање би се сметал веројатно за тероризам, вели Тасевски во разговор за Гласот на Америка и тврди дека менаџментот ја деградира професионалноста на службата

„Не станува збор само дека ние одговараме за безбедноста на воздухопловите коишто се од комерцијални цели како патничките авиони. Ние сме служба која ги контролира, односно помага во воздушниот сообраќај на воздухопловите што се на министерството за внатрешни работи на војската“, објаснува Тасевски.

Во однос на упадот што таму се случи во четвртокот од група во која имаше и лица што не се вработени во службата, Тасевски вели дека може да се изедначи како акт на тероризам, зашто нивниот објект подлежи на посебни безбедносни критериуми.

„Не е тоа влегување во продавница, па да може да се шета кој сака. Во нормални земји, еден таков чин би се третирал веројатно како терористички напад“, посочува Тасевски.

Во однос на нарушување на безбедноста, Тасевски вели дека треба да се прима професионален кадар во институцијата.

„Директорите се фалат дека безбедноста не е загрозена, дека безбедноста е на ниво. Тоа не е благодарение на нив, тоа е благодарение на нас, професионалците. Ние поради тоа бараме сите селекции да бидат направени професионално“, вели синдикалецот.

За стравувањата, пак, дека сегашните случувања во Контролата за летање можат да ја загрозат безбедноста на авио-сообраќајот, Тасевски вели дека како професионалци самите ќе го затворат небото, ако дојде до некоја таква ситуација.

Укажува и дека промената на раководните структури треба да биде според професионалноста и покажаните резултати.

„Директор не се менува заклучно со тоа како ќе се смени власта. Ако некој е квалитетен директор, без разлика дали една или друга партија победила на избори и формирала влада, тој треба да продолжи со работа доколку дава резултати. Доколку не дава резултати, треба да биде разрешен“, вели Тасевски и додава: „Резултатот треба да биде круцијалниот момент на одлучување дали некој треба да остане или да биде разрешен“.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот