Арбен Таравари / Фото: скриншот

Таравари за паралелната прослава на ДУИ на Рамковниот договор: Приватни журки може секој да организира

Министерот за здравство, Арбен Таравари, од владината коалиција Вреди како приватна журка и забава ја коментираше  паралелната прослава на ДУИ по повод 23-годишнината од Охридскиот рамковен договор, најавена за утре. Утрово Европскиот фронт соопшти дека утре напладне организира Академијата за легитимитет во хотелот „Александар Палас“ во Скопје.

– Некако ДУИ секогаш има тенденција да приватизира одредени настани. Сѐ уште не можат да прифатат дека се опозиција, меѓутоа им треба време и ќе се навикнат на тоа, ќе прифатат. Приватни журки, забави, може секој да организира. Ние ги повикавме на утрешниот настан кој го организира Владата на Република Макеоднија, добредојдени се, а приватни журки нека продолжат, нека си организираат. Историските настани никогаш не биле приватна припадност на некој, секогаш ќе бидат настани коишто припаѓаат на граѓаните коишто живеат тука – рече Таравари.

Коалицијата Вреди уште во петокот ги покани ДУИ да учествуваат на заедничкото државно одбележување на 23-годишнината од потпишувањето на Охридскиот рамковен договор и обвини дека со паралелната прослава на овој важен историски датум Али Ахмети ги „девалвира придобивките за Албанците од Охридскиот рамковен договор“.

– Албанскиот патриотизам не смее да се стави во функција на одбрана на криминал и нечесни политичари. Загинатите и живите борци на УЧК, како и потписниците на Рамковниот договор Имер Имери и Арбен Џафери имаа искрени намери и не се бореа и не работеа за наместени тендери и лично богатење – порача во петокот Саранда Имери, ќерка на покојниот политичар Имер Имери и ги повика ДУИ да не прават раздор кај албанскиот народ само затоа што се во опозиција.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот