Таравари не брза со разрешувањето на директорот, сака Ембла да биде прегледана, реагира Хелсиншкиот комитет

Пендаровски со Ембла/Фото: ПРСМ

Државниот просветен инспекторат бара разрешување на директорот по вонредниот надзор во училиштето „Единство-Башкими-Бирлик“ во Гостивар каде што учи Ембла, дете со Даунов синдром кое на барање на група родители беше отстрането од наставата.

„Државен просветен инспекторат, по извршениот вонреден инспекциски надзор во училиштето, на в.д. директорот, на стручната служба и на другите тимови што се непосредно вклучени во воспитно-образовниот процес, им укажа да преземат соодветни мерки и активности за целосно вклучување на ученичката со посебни потреби во воспитно-образовниот процес, со посебно изготвени планови и програми според наодите и да се направи план за реализација на часовите што не се реализирани поради бојкот на наставата на први и втори февруари“, велат од Државниот просветен инспекторат.

Нуредини: Извештајот не е стигнат кај нас

Поради ова, поднесена е иницијатива до училишниот одбор за разрешување на директорот на училиштето Зијадин Нуредини.

– Поднесовме иницијатива до училишниот одбор за разрешување на директорот на училиштето „Единство-Башкими-Бирлик“ поради констатирани пропусти со записник во надзорот. Училишниот одбор може да ја прифати или да ја одбие иницијативата, по што таа ќе се препрати до градоначалникот на општината во која се наоѓа училиштето. Доколку и тој не го разреши директорот, надлежностите се префрлуваат во Министерството за образование и наука – велат од Државниот просветен инспекторат.

Директорот Зијадин Нуредини вели дека во училиштето сè уште не е стигнат извештајот од инспекторатот.

– Кај нас не е стигнат записникот и не знам што е утврдено со инспекцискиот надзор. Ако одлучат дека треба да ме разрешат, во ред, така нека биде. Но, јас немам пропуст во работењето. Првата инспекциска контрола која беше на барање на родителите на Ембла и уште пред  јавноста да  дознае за случајот, беше во ред, без никакви пропусти. Девојчето не беше одделено во посебна просторија како што се претстави во јавноста, таа ја следеше наставата со своите соученици. Само понекогаш кога ќе се измореше и стануваше раздразлива, ја преместувавме во посебна просторија, заедно со асистентот. Понекогаш дури и мојата канцеларија им ја давав на располагање – уверува Нуредини.

Градоначалникот на Гостивар Арбен Таравари најави дека ќе побара да се направи преглед од страна на психопедијатар, по што ќе се донесе одлука дали Ембла може да посетува настава заедно со соучениците или треба да биде распоредена во посебна паралелка на што денеска реагираат од Хелсиншкиот комитет за човекови права:

-Хелсиншкиот комитет за човекови права изразува сериозна загриженост во однос на оваа изјава од страна на градоначалникот со која наместо да се отстранат и коригираат недостатоците од делувањето на директорот и наставниот кадар, прстот повторно се вперува во ученичката. Имајќи предвид дека секое дете со попреченост поминува процес на проценка на неговата функционалност врз основа на која се утврдува видот на поддршка која му е потребна за вклучување во редовното основно образование, не постои основа за барање на повторна категоризација на ученичката, која само би довела до дополнително стигматизирање на децата со попреченост. Училиштето има законска обврска да обезбеди соодветно приспособување на наставниот процес врз основа на направената проценка и да обезбеди соодветна поддршка, како во случајот обезбедување на образовна асистентка, со што ќе овозможи соодветно вклучување на ученичката во наставата, соопштија од таму.

Хелсиншки апелира до градоначалникот „да се воздржи од давање на нестручни и неосновани изјави кои не се во согласност со Законот за основно образование и доведуваат до дополнително дискриминирање на децата со попреченост, туку да ги насочи своите напори на обезбедување на соодветно образование за ученичката“.

-Хелсиншкиот комитет ќе продолжи да го следи случајот, а особено понатамошното постапување во однос на утврдените пропусти и соодветното вклучување на Ембла во образованиот процес, во согласност со Законот, соопштија од ХК.

И директорот им ја отстапувал канцеларијата

– Разговарав со родителите на учениците, со првата и со сегашната наставничка на Ембла. Исто така и со дефектологот и со психологот. Сите сведочат за немили настани. За жал, и во медицинскиот извештај на Ембла стои забелешка дека се појавува агресивност во нејзиното однесување. Јас не сум ѝ направил медицински преглед за да знам која е вистината. Ќе побарам да се направи преглед од психопедијатар, по што ќе одлучиме дали Ембла ќе посетува инклузивна настава или ќе посетува настава во специјално одделение. Во секој случај треба да се слушнат двете страни – вели Таравари.

Во однос на разрешувањето на директорот на училиштето, Таравари вели дека не треба да се избрзува со одлуката и да му се даде отказ на директорот само поради медиумски притисок.

– Директорот честопати ја отстапувал својата канцеларија за Ембла и за нејзината асистентка. Девојчето не било исклучено од одделението. Тој бил во служба на родителите и не треба да биде обележан и стигматизиран како некој што отстранил од настава дете со Даунов синдром. Ако директорот е виновен, ќе сноси одговорност, но ќе бидеме внимателни за да не му нанесеме и нему неправда – вели Таравари.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот