Таравари и Мемеди како „раштиман оркестар“ за модринките на бебето: Едниот вели дека родителите и сестрата си подале рака, другиот дека ќе имало дисциплинска за сестрата
Министерот за здравство, доктор Арбен Таравари и директорот на Детска клиника, Реџеп Мемеди, денеска звучеа како „раштиман оркестар“ кога даваа изјави за бебето со модринки кое било хоспитализирано на Детската клиника, а чие семејство невистинито ја обвини медицинската сестра дека намерно му нанела повреди затоа што мајка му не зборувала македонски, туку само албански јазик.
Препорачано
Таравари изјави дека е сигурен оти против медицинската сестра се води дисциплинска постапка, а Мемеди дека нема да има никаква дисциплинска постапка бидејќи се работело за „недоразбирање“.
Прес-конференцијата на која Мемеди се обрати пред медиумите беше тензична, со многу непријатни прашања кои тој се обиде да ги избегне и на крајот почна да се оддалечува од новинарските камери недозволувајќи да се постават сите прашања. Новинарските екипи прашуваа зошто не беше сослушана медицинската сестра пред да се оцрни нејзиното име и дали се избрза со прерани заклучоци.
– Нема да има дисциплинска. Се затвори случајот, немало никаква лоша намера ни од страна на сестрата ни од страна на родителите на бебето. Вакви случаи имало и порано, сега се направи малку повеќе бука ама секако дека продолжуваме да бидеме на ниво на задачата – рече Мемеди.
Тој истакна дека вчера комисија од четири члена ги разгледала сите информации, факти и изјави на медицинската сестра и родителите на доенчето.
– Се утврди дека немало апсолутно никаква намера на медицинската сестра за нанесување повреда, туку модринките на десната рака настанале додека се земала венска крв за анализи на 11 јули. Тогаш две медицински сестри биле присутни. Едната ја фиксира раката на детето, надлактицата и подлактицата, а другата сестра боцка вена. Како последица на механичкиот притисок настанале хематомите на десната надлактица и подлактица.
Најверојатно причина за алармирање од родителите е едно недоразбирање меѓу дедото на детето и медицинската сестра кое се случило претходно на 7 јули 2024 година и тоа што семејството ја загубило довербата во медицинската сестра. Вчера направив средба меѓу доенчето и медицинската сестра. Родителите на детето се покажаа доблесни, а медицинската сестра изрази спремност да се согласат дека настанот е повеќе последица на погрешна комуникација и недоразбирање и си дадоа рака на помирување. Откако се постигна помирување на двете страни, комисијата ја прекина својата работа – рече директорот Мемеди.
Покажа лист хартија за кој рече дека е записник од спроведена комисија за случајот, а на кој биле потпишани четворица доктори. Тие според Мемеди не утврдиле никаква намера за бебето да биде повредено.
Таравари пак, во посебна изјава од Собранието кажа дека е „сигурен дека против сестрата се води дисциплинска постапка“. Запрашан дали избрза со тоа што беше да го посети семејството, без претходно да провери дали нивните наводи се точни, Таравари одговори негативно и смета дека постапил правилно.
„Јас вчера бев брифиран од директорот на Клиниката за педијатрија, дека случајот е разгледан, разговарано е. Според него повеќе е невнимание од сестрите со бебе кое било немирно. Меѓутоа не сакам дефинитивно да кажам, бидејќи немам писмен допис.
Но повторно, преземени се одредени дисциплински мерки и медицинскиот кадар треба да биде многу внимателен со сите пациенти без разлика на етничката припадност, особено со децата. Се надевам дека мерките што ќе ги преземе комисијата заедно со директорот ќе се ефектуираат, а ако се повтори ова, тогаш веќе веднаш треба да се исклучи медицинскиот кадар.
Докази дека намерно тоа е направено нема, така што, да бидеме внимателни, да ги слушаме и двете страни. Не верувам дека има здравствен работник кој е подготвен да повреди дете од три месеци. За медицинската сестра знам сигурно дека се води дисциплинска постапка“, рече Таравари.
Од разврската на ситуацијата, комплетно е негирана првичната теза што ја нафрли семејството – дека врз бебето е вршено „физичко насилство“ од страна на медицинската сестра со 15-годишен стаж на Клиниката.
Министерот за здравство, Арбен Таравари, како и политичката партија ДУИ, ја издигнаа оваа ситуација на високо ниво – едниот нарекувајќи ја „монструозна“, а другите без да ги имаат фактите во соопштение наведоа дека „скандалозното физичко насилство е од етнички причини“. Бебето, како што вчера ни потврдија тројца лекари од Детската клиника, имало наод за тромбоцитопенија, состојба од која се појавуваат модринки.


