Тања Турунџиева, нутриционистка: Ако страдате од уринарни инфекции, чоколадото и кофеинските пијалаци се на црната листа

Фото: Приватна архива/Профимедиа

Уринарните инфекции ги погодуваат двата пола на која било возраст, но  претежно се појавуваат кај жените. Според некои истражувања, инфекциите на уринарниот тракт погодуваат една од пет возрасни жени. Жените имаат многу поголем ризик да развијат инфекции на уринарниот тракт, а причината за тоа е што уретрата кај жените е многу кратка (до неколку сантиметри) така што инфекцијата често не останува локализирана, туку лесно напредува кон мочниот меур и пошироко. Инфекциите на уринарниот тракт можат да доведат до сериозни компликации доколку се прошират на бубрезите, па затоа е важно навреме да ги препознаете и правилно да ги третирате.

Храната што ја јадеме т.е. молекулите кои настануваат кога ја вариме, влијаат на растот на бактериите во нашиот уринарен тракт. Затоа, оние кои имаат проблеми со уринарни инфекции треба малку да ја прилагодат исхраната.

На оваа тема разговараме со нутриционистката Тања Турунџиева.

Најчесто симптомите на уринарни инфекци се изразени во вид на често и  отежнато уринирање, болно уринирање, пецкање при уринирање, често проследени со ноќно мокрење, како и со болки во карлицата и грбот.

Жените кои се склони на уринарни инфекции, потребно е да прават испитувањa на уринокултурата на три месеци и тогаш кога немаат симптоми за тоа, сѐ додека не дојде до посериозен проблем. Доколку инфекцијата е во уринарниот тракт и лекувањето е полесно, ако се прошири нагоре кон бубрезите поради нелекување или несоодветно третирање со антибиотска терапија, тогаш настануваат сериозни компликации.

Уринарните инфекции повеќе ги погодуваат жените

Конституцијата на организмот на жената, поконкретно пократката уретра (мочен канал), ги прави жените повеќе склони кон инфекции на уринарниот тракт за разлика од мажите, како и физиономската поставеност на уретрата и аналниот отвор, коишто кај жените се поблиску поставени. Жените уште во најрана возраст, како мали девојчиња, треба да бидат едуцирани за правилно бришење со тоалетна хартија што секогаш треба да се одвива однапред кон наназад, за да се спречи пренесување на бактериите од аналниот отвор кон уретрата, како и носење на памучна долна облека и вршење на соодветна нега, без употреба на пудра во прав (талк пудра), парфимирани купки и слично. Воедно, при појава на вакви инфекции особено е важна негата и хигиената што треба да биде на највисоко ниво по секое одење во тоалет. Уште една од препораките, кај сексуално активните жени кои имаат проблеми е задолжително мокрење по интимниот однос, со што би се спречило пренесување на вагиналните со уринарните инфекции.

Зеленчукот и овошјето мора да бидеат чисти

Од бактериите што го напаѓаат уринарниот тракт, факт е дека најраспространета е ешерихија коли. Еден од начините на кои таа честопати влегува во нашиот систем е преку овошјето и зеленчукот, кои не се добро измиени, а при одгледувањето биле полевани со фекални води. Затоа, прва препорака е добро миење и лупење на овошјето и зеленчукот при нивната консумација. Еден од начините е да се потопат во сад со вода и да се додаде една лажица сода бикарбона што ќе создаде алкална средина, потоа, друг начин е да се измијат со филтрирана вода или, пак, да се озонираат. Следуваат доматите, пиперките и сите зеленчуци што не се лупат и не се обработуваат термички, односно се внесуваат во свежа форма, вели Турунџиева.

Брусницата е лек за уринарни инфекции

Уште од далечната 1984 година, професорот д-р Собота од Универзитетот во Охајо прв открил дека брусницата е фамозно овошје за лекување на уринарните инфекции. Тој открил дека брусницата е за повеќе од 25 отсто поефикасна и полековита од кои било миксови на чаеви и од увиниот чај.

Кај нас, брусницата најчесто се консумира во форма на чај, кој не треба да се внесува во огромни количини – доволни се 450 милилитри чај, трипати на ден, 30 минути пред оброк или два часа по оброкот. Постојат и органски концентрирани препарати од брусница, кои, доколку се земаат, мора да се разредат со вода за да не го надразнат дигестивниот систем. Сепак, најдобро е да се јаде во свежа форма.

Покрај брусницата, одлична во справувањето со уринарните инфекции е и боровинката, како и сите црвени плодови од жбунестите растенија. Доколку се внесуваат во сушена форма, тие не треба да бидат засладени или кандирани.

Акцентот паѓа на течностите

Кога зборуваме за уринарните инфекции, храната и не е толку важна, колку што се важни течностите. Треба да внесуваме по минимум три литри вода, и тоа вода со поголема Пх-вредност. Алкалната вода со Пх-вредност 8,8 е приоритетна и има цел да го одмие уринарниот тракт преку почесто мокрење, што го предзвикува. Во никој случај да не се внесуваат газирани, зашеќерени, ниту кофеински пијалаци, коишто, заедно со чоколадото се на црната листа на производи кај лицата што се соочуваат со уринарни инфекции. Покрај водата и чајот, се препорачуваат и цедени, зеленчукови сокови разредени со вода.

Насочете се кон вегетаријанската исхрана

Во периодот при справување со уринарните инфекции, особено поради тоа што често се повторуваат, важно е да се направат промени во исхраната и повеќе да се насочите кон вегетаријанската исхрана. Сепак, ако не можете без месо, во тој случај тоа нека биде мисиркино, а оброците да бидат најчесто во чорбеста форма богати со коренест и трупкав зеленчук – пашканат, морков, целер, дајкон, ‘рдоква во свежа форма. Овие зеленчуци имаат антиоксидативно и диуретско дејство, па освен во чорби, во организмот одлично се внесуваат и во сурова форма во салати или како додаток на зеленчуковите сокови. Покрај овие, треба да се консумираат и т. н. „смрдливи“ зеленчуци, кои изобилуваат со етерични својства. Тука спаѓаат празот, лукот, кромидот и ѓумбирот. Се препорачува магдоносот да се зема во свежа форма, а не како чај.

Нутритивни препораки

Освен какаото, чоколадото и кофеинските пијалаци, се препорачува да се исфрлат сите индустриски производи, лебот и слатките. Се препорачува да се консумираат повеќе течности, но да не се практикува задржување на урината, бидејќи при апстиненција или одложување на уринирањето, бактериите во уринарниот тракт уште повеќе се размножуваат. По забележувањето на симптомите што укажуваат на уринарна инфекција, да се обратите за помош кај лекар, придружено со микробиолошки испитувања, што ќе дадат адекватен биограм, според кој ќе може да ви се препише соодветна антибиотска терапија, задолжително поткрепена со антибиотик, порачува Турунџиева.

И како што веќе спомена таа, инфекциите на уринарниот тракт се упорни и се повторуваат.

– Затоа треба да се направи уринокултура еден месец по завршувањето на антибиотската терапија, бидејќи сѐ порано ќе покаже стерилен резултат. Доколку е потребна нова доза антибиотик, тој мора да се промени за да не создаде резистентност и да ја обезбеди својата ефективност – заклучува нутриционистката.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот