Фото: Слободен печат / Драган Митрески

Светски познатиот тенор Хозе Карерас и македонските ѕвезди ќе пеат на скопскиот плоштад по повод 35 години независност на Македонија

Треисет и петгодишнината од независноста на Македонија ќе се слави еден месец, од 8 август до 8 септември. Централниот настап ќе биде на 8 септември на Градскиот стадион во Скопје со славниот француски диџеј, продуцент и хитмејкер Дејвид Гета.

Дејвид Гета, како главната музичка ѕвезда на прославата на 35 години независност на Македонија, беше најавен на претходната пресконференција од страна на Бобан Милошески од „Авалон продукција“, кој ќе го реализира настанот во соработка со Владата.

На 1 септември на градскиот плоштад во Скопје по повод 35 години независност ќе биде одржан концерт на кој ќе настапи еден од најголемите оперски пејачи на сите времиња, шпанскиот тенор Хозе Карерас, најави на денешната пресконференција Милошески. Настанот е наречен Хозе Карерас и македонските „ол стар“ (all-stars), а на сцената ќе ги видиме Калиопи, Каролина Гочева, Сузана Спасовска, Влатко Стефановски, Наум Петрески, како и оперските певци Ана и Игор Дурловски, во придружба на Македонската филхармонија.

Фото: Слободен печат / Драган Митрески

– Сакавме да споиме нешто што е светско заедно со нашето македонско. На 1 септември на градскиот плоштад во Скопје ќе имаме концерт на Хозе Карерас и Македонија „ол стар“. Ќе има многу изненадувања таа вечер, кои нема да бидат соопштени. Оваа екипа на Македонија „ол стар“ е личен мој избор и јас носам одговорност дали требало да има уште некој друг – изјави Милошески.

Во преговорите за настанот Хозе Харерас и македонските ѕвезди биле вклучени и пејачот Владо Јаневски и пијанистот Симон Трпчески, но поради зафатениот распоред, тие нема да настапат.

Настанот е поддржан од Македонската филхармонија, а аранжман на песните ќе ги прави Николче Мицевски, кој најави поинакво руво, симфониско начело.

Директорот на Македонската филхармонија, Мустафа Имери, рече дека му е чест што токму оркестарот на Филхармонија ќе ја отвори прославата по повод 35 години независност.

Фото: Слободен печат / Драган Митрески

Портпаролката на Владата, Марија Митева посочи дека како Влада се подготвуваат за достојно одбележување на 35 години независност.

– Навистина ни е важно и сакаме граѓаните да уживаат и да покажеме дека имаме капацитет да организираме настан со македонски и светски ѕвезди – изјави Митева.

Митева, исто така, најави дека ќе следуваат уште настани во рамки на одбележувањето кои ќе бидат дополнително откриени.

Од Владата најавија дека ќе има настани низ повеќе градови во Македонија со учество на повеќе од 120 македонски уметници.

За помалку од 12 часа распродадени се 50.000 влезници за концертот на Дејвид Гета во Скопје

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот