СВЕДОШТВО НА СИНОТ НА ПРЕТЕПАНИОТ ПЕТРОВСКИ: Татко ми е нападнат поради мала, метална реклама

Метална реклама широка 50 сантиметри и висока 1,2 метри која рачно се склопува и расклопува и стои на патека крај скопската менувачница „БИС“ чиј што сопственик е Бранислав Петровски од Скопје, воедно и сопственик на кафетеријата „Гарсон“ е баналната причина тој во саботата околу 12.30 часот да биде претепан и да „заработи“ тешки повреди кои му ги нанел скопскиот бизнисмен С.Ч., кој пак е сопственик на новоизграден хотел кој се наоѓа во зградата во чијшто склоп е и менувачницата.

Како што дознава „Слободен печат“, С.Ч. инсистирал Бранко Петровски итно да ја отстрани неговата реклама, барање кое било одбиено, по што веднаш бил нападнат. Од првиот удар паднал на земја и добил уште десетина удари, се до моментот кога од сведоци на случката С.Ч. не бил смирен.

На Бранко Петровски му се влошила здравствена состојба и е хоспитализиран на Клиниката за неврохирургија. Лекарите утврдиле уште една сериозна фрактура на главата. Додека претепаниот е на болничко лекување, од полицијата, за „Слободен печат“ изјавија дека полициски иследници разговарале со С.Ч., го документирале случајот и против него до Јавното обвинителство поднеле соодветна пријава.

За инцидентот има десетина сведоци, велат најблиските на жртвата. Семејната драма која ја преживува Бранко Петровски и неговото семејство за „Слободен печат“ ја раскажа неговиот син, Стефан. Момчето вели дека во саботата околу 13 часот патувал од скопски Аеродром кон Карпош.

– Некаде пред „Рекорд“ добив повик од мајка ми. Татко ми телефонски ја известил дека физички е нападнат од Спиро (сопственикот на новоизградениот хотел). Бидејќи бев многу блиску, автомобилот го оставив на улица и се стрчав во правец на менувачницата на татко ми. На подот имаше насекаде крв. Од таму се стрчав кон влезот на хотелот каде што ме пречека Спиро. Почна да ме бутка и да вика „губи се”, а јас му упатив неколку вулгарни зборови за кои добив соодветна казна за вулгарно однесување. Се вратив назад и викнав Итна помош, бидејќи татко ми претходно крварејќи успеал да викне само полиција. Итната помош и полицијата пристигнаа речиси во исто време и додека му помагаа на татко ми да влезе во амбулатното возило, Спиро ми упати закана: „Душата ќе ти ја извадам, ни вода ни струја ќе имаш”.

Татко ми беше цел ден во болница. Излезе дури во раните утринсики часови следниот ден. Има фрактура на нос, две фрактури на горната вилица и подлив на око, но се прават уште испитувања. Очевидците кои не сакаа да дадат изјава пред полиција ми раскажаа дека татко ми не давал отпор. Од првиот удар паднал на земја и бил уште петнаесетина пати удрен со боксови. Постојат и снимки кои го докажуваат тоа, но мора полицијата по службена должност да ги побара. Татко ми го хоспитализираа во болница, бидејќи не престануваше да тече некаков секрет од носот за кој докторите тврдат дека доаѓа од мозокот и може да направи инфекција, сепса – вели Стефан Петровски.

[ReviewDisclaimer]

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот