Сведок ги пријавил ,,гладијаторските борби” на малолетниците уште пред 9 дена

Граѓанин, случаен минувач и сведок на борбата меѓу децата во Капиштец бил пријавител на настанот од виралното видео на кое се гледа како малолетници си ги одмеруваат силите со боксови, како во гладијаторска арена среде бел ден во Капиштец.

Портпаролката на СВР Скопје, Лиза Бендевска, вели дека полицијата работи на расчистување на случајот. Засега од полицијата ја откриваат само информацијата која се наоѓаше во билтенот на институцијата, дека на 31 јануари во 14 часот и 30 минути попладнето, граѓанин пријавил дека на улицата Народен Фронт имало нарушен ред и мир, односно тепачка. Откако видеото се појави на социјалните мрежи, стана и повеќе од јасно, дека ова не била обична, туку организирана пресметка, во која малолетници со боксерски ракавици се удираат во пределот на главата додека други малолетници а и возрасни граѓани го гледаат мечот и снимаат со мобилни телефони.

На социјалните мрежи веќе се шпекулира за името на училиштето од кое потекнуваат и гледачите и ,борците”, но од полицијата не потврдуваат ниту негираат дека се работи за тоа училиште. Утринава, стапивме во контакт со градоначалникот на Центар, Саша Богдановиќ, кој го елиминираше најблиското училиште до локацијата каде се одвивале борбите – ,,Киро Глигоров” со образложение дека најстарите ученици во тоа училиште се во петто одделение, а оние од видеото се повозрасни.

– Во основното училиште Киро Глигоров, највозрасните ученици се во петто одделение. Јас на снимката гледам малку повозрасни деца, значи не верувам дека се од тоа училиште. Ние во општината уште пред да излезе информацијата во медиумите знаевме за овој случај, бидејќи ни испратија видеа од борбата претходно објавени на Фејсбук. Мислам дека треба да се почека институциите да си ја завршат работата, поради тоа што се работи за малолетници и тоа е сензитивна, деликатна тема, ни рече Богдановиќ. Имало и тарифник, се наплаќало 20 денари за гледање и 300 денари за снимање. Кој ги зел парите и профитирал врз грбот на деца од овој импровизиран боксерски ринг и колку време траела боксерската сага, засега никој не знае.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот