Суспендиран ДУП-от за Урбан блок 57 во Тетово, не бил предвиден ниту еден метар квадратен зеленило

Фото: Слободен печат

Советотот на Општина Тетово на денешната седница го суспендираше ДУП-от на Урбан блок 57, парцелата кај поранешната фабрика „Шик Јелак“, каде се планира изградба на станбен комплекс со над 5.000 жители.

Претседателот на Советот на Бесарт Дурмиши, изјави дека се работи за урбан план, во кој нема предвидено ниту еден метар квадратен зеленило, ниту доволно паркинг простор. За разлика од минатиот пат кога советниците го суспендираа целиот ДУП, сега се работи за суспензија од 6 месеци, но само за парцелите од ДУП-от кои не се приватизирани.

„Урбанистичките решенија го дехуманизираат урбаниот простор и ја загрозуваат стандардизацијата на урбаното живеење. Штетата на јавниот интерес не е видлива, но кога ќе почне реализацијата таа ќе биде огромна. Во урбанистичкиот план е предвидено во урбаниот блок да живеат 5.600 жители. Од ова произлегугва дека станбената густина би била 1600 жител на 1 хектар, што ги надминува урбаните стандарди. И решението за секундарна патна мрежа е под секој стандард. Надземните паркинг места не ги исполнуваат условите за паркирање. Треба да има подземни паркинзи, не е предвиден ниту еден метар квадратен зелена површина, вели Бесарт Дурмиши, претседател на Советот на Општина Тетово.

И додека во два наврати, советот го суспендира ДУП-от за Урбаниот блок 57, во останатиот дел на градот, згради никнуваат како печурки, во чии урбани блокови воопшто нема хуман простор за живеење, без паркинг простор и зеленило.

Фото: Слободен печат

Претседателот на Советот на Општина Тетово Дурмиши, вели дека Секторот за урбанизам не дава дозволи за градба на згради кои не ги исполнуваат условите, а дозволите за градба во урбаните парцели каде што нема зеленило и доволно паркинг простор како што рече биле дадени од претходните власти. Тој најави и уривање на градби кои се без дозвола, но кога општината ќе се стабилизира финансиски.

„Сите тие мерки кои треба да ги преземе инспекторатот се преземени, а тие што се градат, а немаат дозвола за градење донесена е одлука за уривање. Ќе се урнат кога ќе имаме финансиски средства. Секаде каде се гради без дозвола ќе се урива, рече Бесарт Дурмиши, претседател на Советот на Општина Тетово.

Досега од општината нема никакви најави за повеќе зеленило во градот, или за изградба на прв градски парк, а постојните мали зелени површини не се одржуваат.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот