Сугарески: Преку 80 милиони евра инвестиции во патната мрежа во Прилеп и Прилепско

Во Прилепскиот регион се инвестира како никогаш досега, вложуваме преку 80 милиони евра во изградба и рехабилитација на патната мрежа. Жителите на Прилеп и околината, но и цела Пелагонија добиваат модерни и безбедни патишта“ – истакна министерот за транспорт и врски Горан Сугарески, кој денеска заедно со градоначалникот на општина Прилеп, Илија Јованоски изврши увид во градежните работи за рехабилитација на патниот правец Лагово-Штавица-Витолиште.

Регионалниот пат Лагово-Штавица-Витолиште се рехабилитира во должина од 9 километри. Проектот се реализира преку програмата на ЈП „Македонија пат“ и е во вредност од 650 илјади евра. Градежните работи се во тек, а од денеска започнува асфалтирање на патот.

-Инвестициите во целокупната инфраструктура во земјава земаат се поголем замав. Се наоѓаме сред силна градежна сезона, особено во делот на модернизација на патиштата низ земјава. На мое огромно задоволство, интензивно работиме во Прилеп и Прилепско, реализираме голем број на проекти и со тоа создаваме подобри услови за живот на жителите и можности за локален економски раст. Само во патната мрежа во моментов во Прилеп и околината инвестираме преку 70 милиони евра и тоа се средства директно од централната власт. Ако дополнително ги земеме во предвид и проектите на локалната власт имаме инвестиции од близу 80 милиони евра во патната мрежа во Прилепско. Завршивме со рехабилитација на стариот пат од Прилеп до Битола, транзитот на Прилеп и патот од Прилеп до Прилепско Езеро. Во моментов ги рехабилитираме патот до Норово, патот од Лажани до Житоше и Крушево-Слива-Пуста Река, а привршуваме и со рехабилитација на делницата од Дреново до Фариш. Во текот на овој месец ги објавуваме тендерите за рехабилитација и реконструкција на регионалните патишта Фариш-Прилеп и Кривогаштани–Крушево. Посветено работиме на подобрување на патната мрежа во Мариово и имаме за цел повторно да го заживееме овој предел, да овозможиме услови за развој на рурален туризам, а истовремено да обезбедиме поквалитетен живот на локалното население. Во моментов го асфалтираме патниот правец Лагово-Штавица-Витолиште, а претходно  го рехабилитиравме и патот Рапеш-Старавина– изјави министерот за транспорт и врски, Горан Сугарески.

 

Градоначалникот на општина Прилеп, Илија Јованоски истакна дека рехабилитацијата на патниот правец Лагово-Штавица-Витолиште е од големо значење за општина Прилеп.

 

„Овој пат е од витално значење за општина Прилеп, не само за жителите на околните места кои секојдневно гравитираат на овој потег, туку и за сите оние кои имаат викендици и поседи во Мариовскиот крај или се занимаават со сточарство, пчеларство  и слично, поради што често патуваат по оваа делница“ – изјави градоначалникот на општина Прилеп, Илија Јованоски.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот