Државни службеници излегуваат на штрајк во Атина – бараат заштита по оружениот напад врз нивни колеги
Државните службеници кои работат во судовите и во службите за социјално осигурување денеска штрајкуваат, со барање за подобрени мерки за безбедност при работа, еден ден откако 89-годишниот маж застрела и полесно повреди петмина нивни колеги во два последователни напади во центарот на Атина, објави „Катимерини“.
Препорачано
Вработените во судовите штрајкуваат од 9 до 11 часот претпладне. Нивниот синдикат ОДИЕ (ODYE) ја обвини владата дека не обезбедила соодветна безбедност во судските згради ширум земјата и повика на итна акција.
„Повеќето судови во земјата се буквално незаштитени од секаков вид злонамерно однесување, а вработените таму се во постојана опасност при извршувањето на своите должности. Кога вакви инциденти се случуваат во Атина, каде што наводно, поради големиот број луѓе (кои влегуваат во судовите), безбедноста би требало да биде зголемена, со каква опасност можат да се соочат останатите правосудни служби во земјата? Владата и Министерството за правда мора веднаш да ги преземат неопходните безбедносни мерки за да се спречат слични инциденти во иднина“, се вели во соопштението на ОДИЕ.
Вработените во државниот фонд за социјално осигурување ЕФКА повикаа на 24-часовен штрајк и протест пред Министерството за труд во Атина напладне.
Синдикатот на ЕФКА соопшти дека пукотниците вчера во судот во Амбелокипи и во канцеларијата на ЕФКА во Керамеикос го одразуваат „нашето секојдневие додека им служиме на граѓаните во канцеларии со сериозен недостиг на кадар, каде што народното незадоволство се искажува секојдневно.“
Адвокатските комори, исто така, изразија згрозеност од последиците од пукотниците во вторникот, повикувајќи на подобрена безбедност во судовите ширум земјата.
ВИДЕО | Драма во Атина: 90-годишен напаѓач ранил неколку луѓе со пушка, полицијата го бара


