Судскиот совет и Антикорупциска се надлежни за работата на судиите, тврди Здружението на судии

Управниот одбор на Здружението на судии ги поддржува активностите на Државната комисија за спречување на корупција и Судскиот совет на Македонија и смета дека проверката на работата на судиите и нивното однесување е континуирана работа во надлежност на овие две институции.

„Расправајќи за актуелната состојба на правосудниот систем со акцент на јавните повици за ветинг, прочистување односно проверка на работата на судиите, Управниот одбор на Здружението на судиите откако дебатираше за поимот „ветинг” и неговата условеност со поголеми општествено политички промени и други општествени аномалии (како замена за зборовите: постоење на висок степен на корупција), целите и резултатите кои треба да се постигнат, заклучи дека нашиот правосуден систем не е во состојба која импонира потреба од една таква широка проверка на работата на судиите, надвор од постојните институции утврдени со актуелната законска регулатива“, соопшти денеска УО на Здружението на судии по расправата за актуелната состојба во правосудниот систем.

Управниот одбор, како што стои во соопштението, ги охрабрува судиите да покажат професионалност и интегритет во нивното постапување и соодветно поставување кон новонастанатите состојби, притоа, УО апелира на воздржаност и негенерализирање при изнесувањето на јавните квалификации за состојбата во правосудниот систем.

„Управниот одбор донесе заклучок да се иницира унификација на ставовите со Врховен суд и Судскиот совет на Република Северна Македонија, во однос на ова прашање“, се наведува во соопштението.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот