Студија: Паметните часовници се подобри во откривањето на аритмии кај пациентите од лекарските прегледи
Паметните часовници од брендови како „Епл“, „Гугл“ и „Самсунг“со ЕКГ сензори се чини дека се подобра алатка за откривање на опасни по живот нарушувања на срцевиот ритам од конвенционалните лекарски прегледи и медицинска нега, сугерира нова студија.
Препорачано
Студијата од Универзитетскиот медицински центар во Амстердам се фокусираше на атријалната фибрилација, најчестата аритмија во светот, која се јавува често и кај многу луѓе не предизвикува забележителни симптоми.
Кардиологот Мишел Винтер и докторантката Никол ван Штајн ја водеа студијата за да видат дали носивите уреди како што се паметните часовници би можеле да помогнат во откривањето на вакви нарушувања порано и посигурно од постојните методи.
Кај атријалната фибрилација, срцевите преткомори чукаат неправилно, што може да доведе до формирање на згрутчувања на крвта во срцето. Ако овие згрутчувања стигнат до мозокот, тие можат да предизвикаат мозочен удар, објаснуваат истражувачите.
Бидејќи атријалната фибрилација често се јавува само повремено или е асимптоматска, таа често останува неоткриена за време на рутинските медицински прегледи.
Тимот вклучил 437 пациенти над 65 години кои биле изложени на зголемен ризик од мозочен удар. Половина носеле паметни часовници најмалку 12 часа на ден во текот на шест месеци, додека другата половина добивала стандардна нега без дигитален мониторинг.
Користени се две функции на паметниот часовник: оптичко мерење на срцевиот ритам преку фотоплетизмографија (ППГ) и едноставно ЕКГ за снимање на електричната активност на срцето. Иако отчитувањата на срцевиот ритам можат да укажуваат само на абнормалности, ЕКГ е од суштинско значење за да се потврди дијагнозата на атријална фибрилација. Неколку големи производители ги нудат овие функции како стандард на паметните часовници со години.
Атријалната фибрилација била откриена четири пати почесто во групата со паметни часовници отколку во контролната група. Поточно, 21 корисник на паметни часовници биле дијагностицирани и третирани за нарушувањето, во споредба со петмина во групата без часовник.
Сите пет пациенти во групата без часовник имале симптоми и посетиле лекар затоа што се чувствувале лошо. Во групата со паметен часовник, околу 57 проценти биле асимптоматски и веројатно не би знаеле дека нивниот срцев ритам е нарушен без часовникот.
Сепак, технологијата не била непогрешлива, а Ван Штајн изјавила дека имало лажни аларми, при што само околу половина од 72 пациенти означени од часовникот всушност имале атријална фибрилација.
– Во контекст на сè повеќе преоптоварен здравствен систем, носивите уреди овозможуваат следење на големи популации без постојани посети на болници – рекла Винтер.
Истражувачите веруваат дека болниците ќе имаат помалку мозочни удари предизвикани од атријална фибрилација ако пациентите можат масовно да се тестираат на овој начин, овозможувајќи им да се лекуваат во многу рана фаза на болеста.


