Стојков: Клубот „Никола Вапцаров“ во Благоевград ќе биде отворен, ќе го поканиме и премиерот Димитар Ковачевски

Стојко Стојков, ОМО Илинден-Пирин / Фото: Архива на Слободен печат

Тоа е срамота и покажува на што сè се подложени Македонците во Бугарија, вели претседателот на ОМО Илинден Пирин Стојко Стојков за декларацијата со која Советот на Општина Благоевград го забрани отварањето на македонскиот клуб „Никола Вапцаров“, со образложение дека Благоевград нема да биде центар за слични пропагандни провокации и дека таму нема место за македонисти.

– Овие луѓе во Советот на Благоевград ако самите не се Македонци, имаат роднини и пријатели кои се. Тие знаат дека има многу Македонци во Бугарија и во Благоевград. За да излезат со таква позиција, објаснување е само дека се создава атмосферата за страв и омраза против Македонците овде – вели Стојков за „Слободен печат“.

Клубот го отвора Македонското здружение за заштита на основните индивидуални човекови права, а тие, како што вели Стојков, за декларацијата на Општина Благоевград дознале од медиумите и сè уште не ја добиле одлуката.

Стојков вели и дека досега немале контакт со македонската влада во врска со отварањето на овој клуб, и покрај тоа што во април, кога се отвараше бугарскиот клуб „Ванчо Михајлов“ во Битола, премиерот Димитар Ковачевски најави дека ќе има реципроцитет со Бугарија и дека есенва ќе се отвори македонски клуб во Благоевград.

– За жал, нема ништо од македонската влада. Но, и тие ќе бидат поканети на отворањето – вели Стојков.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот