Стојко Пауновски: Разочаран сум што премиерот Заев не ме разбира, и јас сакав пилот да бидам кога бев млад, ама не станав

Директорот на Државниот пазарен инспекторат Стојко Пауновски за Слободен печат вели дека не му е јасно зошто премиерот Зоран Заев не го разбира кога е дециден дека нема да вработи 35 административци прераспределени во неговиот инспекторат, кои се неквалификувани кадри.

-Изјавата на Зоран Заев не ја сфаќам како притисок, само сум малку разочаран што премиерот не ме разбира, иако пратив информација за состојбата во Пазарниот инспекторат. Побарав да ми одговори врз основа на кои критериуми со 247 веќе вработени лица, ни даваат најнесоодветни кадри. За 12 административци со Економски и Правен факултет, нема проблем, ќе ги примиме. Ама другите се со 180 кредити и можат да работат само обична администрација, зашто се детективи или со факултет за криминалистика од факултетот на Рамиз Мерко. Јас веќе имам вработени кои што во инспекторатот работат 10 години и не можам да ги унапредам зашто систематизацијата не го дозволува тоа поради образованието и сега треба да примам кадар за кој што немаме потреба. Нас не ни треба администрација, туку луѓе за на терен, за во Источна Македонија. Да ни дадат 20 инспектори за во источна Македонија, зашто немаме инспектори во Струмица, Кавадарци, Штип и Кочани, вели Пауновски за Слободен печат.

Тој додава дека додека не му испратат посебен список со 12-те административци, нема да вработи ниту еден од 35-мина коишто му се натоварени на Инспекторатот.

-Нека ги земе некоја друга институција, каде што ќе бидат соодветни според образованието. Велат дека тие сакале да работат во Пазарен инспекторат. И јас сакав пилот да бидам кога бев млад, ама не станав, вели Пауновски.

Изминатите години додека Пауновски раководи со инспекторатот, направени се драстични позитивни промени во работењето. Бројот на инспектори се искачи на 180 за сметка на администрацијата која е околу 70 луѓе. Овој резултат, како што вели самиот, не сака да го расипе, дури и по цена да биде разрешен од директорското место.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот