Стојановиќ: Победите се резултат на работа, веруваме во играчите дека можат уште повеќе и уште подобро

Македонските ракометни кадети со победи го освоија ЕХФ шампионатот во Рига, Летонија/Фото: РФМ

Моите играчи беа „гладни“ за победа, за успех, тоа го покажа и гол разликата на сите натпревари до финалето – вели селекторот на кадетите.

Кадетската машка ракометно репрезентација на Македонија го освои ЕХФ шампионатот кој се одржа во Рига, Летонија, откако во финалето ја совлада селекцијата на Швајцарија со резултат 24:22.

На патот до финалето во Рига нашите ракометни надежи најпрвин во групната фаза триумфираа против Турција (34:19), Косово (39:16) и домаќинот Летонија (33:23), а во полуфиналето беа подобри од Луксембург (32:22). Со овој успех избраниците на селекторот Раде Стојановиќ обезбедија пласман на кадетското Светско првенство во 2023 година и младинското Европско првенство 2024.

По завршување на финалниот натпревар беше избран идеалниот тим на шампионатот, а во идеалниот тим се најдоа четири репрезентативци на Македонија.

За МВП на шампионатот беше прогласен средниот бек Томислав Димковски. Наградата за најдобро лево крило заврши кај Михаил Тотиќ, а за најдобар голман беше прогласен Давид Брестовац. За најдобро десно крило беше прогласен Александар Петковски.

– Петковски втор најдобар стрелец, голманите Галевски и Брестовац собраа 77 одбрани

Статистички Александар Петковски беше втор најдобар стрелец на турнирот со 38 голови, а блескаа нашите голмани Иван Галевски и Давид Брестовац. Галевски е најдобар голман на шампионато со 28 одбрани (од 55 удари) или 50,9%, а на третата позиција е Брестовац (40,5%) со 49 одбрани од 121 удар. Брестовац е третопласиран кога се во прашање седмерците, одбрани вкупно три пенали од девет удари (33,3%).

Селекторот на кадетите Раде Стојановиќ ги охрабрува сите играчи вредно да тренираат/Фото: РФМ

– Победите се резултат на работа, посветеност и верба на сите играчи, кои се најзаслужни за овој успех. Верувавме во нив, и сè уште веруваме дека можат уште повеќе и уште подобро. Ракометарите обезбедија настапи на следното кадетско Светско првенство во 2023 година и младинското Европско првенство во 2024, на кои може да играат истите и помлади. Со еден збор направија пат за Европско на играчи родени 2006 година – ни изјави Стојановиќ.

Селекторот на кадетите ги охрабрува сите играчи вредно да тренираат, затоа што преку тренерите ќе бидат вклучени во репрезентативните собири.

– Да, бевме максимални, имавме „пет од пет“, играчите го прифатија системот и начинот на работа кој му го презентиравме и максимално го спроведоа на терен. Беа „гладни“ за победа, за успех, тоа го покажа и гол разликата на сите натпревари до финалето. До самото тоа што се пласиравме, успехот е голем, значи дека овие играчи кариерите ќе им растат и ќе се развиваат на големи натпреварувања, а тоа е голем плус за премин во А репрезентација. Сакам да изразам голема благодарност до сите кои беа со нас овие неполни три месеци и ни даваа поддршка, благодарност до раководството на РФМ, и нашите семејства – рече Стојановиќ.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот