Стојанче почна да плаче во судницата кога наставничката на Катја раскажуваше за детето
Во училиштето „Јохан Хајнрих Песталоци“ каде што учела шестгодишната Катја, имале сознание за семејното насилство што се случува во домот на детето, произлегува од денешното сведочење што го даде наставничката на Катја. Таа информација на наставничката ѝ ја пренела мајката на Ивана, со загриженост. Училишниот психолог дал насока да се следи ученичката.
Препорачано
-По неколку дена во училницата девојчињата играа игра и забележав дека при играта Катја падна на подот. Ја прашав дали играат некоја игра во смисла на драматизација на приказна. Катја рече дека татко ѝ кога ја удира мајка ѝ, таа така паѓа. Веднаш го известив психологот на училиштето и тој разговараше со Катја во нејзината канцеларија. Катја ѝ рекла дека нејзините родители се разделени, а таа е со мајката. Потоа психологот ја повика на разговор и Ивана и ја упатила каде да се обрати во случај на семејно насилство, а нам ни рече да внимаваме на Катја – рече наставничката.
Наставничката сведочеше за периодот околу Нова година и трите месеци до пред критичниот ден втори март 2026. За обвинетиот Стојанче Јовановски рече дека еднаш дошол на училиште и барал број од родител на ученик што ја задевал Катја. Број не добил, зашто добил укажување од наставничката дека институционално ќе го решат тоа.
-На почетокот во училиште кога ја учиме темата за моето семејство, Катја ја црташе само мајка ѝ на цртежите. Кога ја прашав зошто само мајката рече: „Јас сум со мама“. Катја се однесуваше како и сите други деца, не покажуваше потиштеност, не покажуваше вознемиреност или затвореност. Беше отворена со сите ученици, изгледаше среќно, другаруваше со сите и не помисливме дека нешто се случува во семејството. Нејзините цртежи како наставник ги оценувам како ведри, со убави бои, лицата на луѓето што ги црташе беа насмеани, сонцето насмеано. Пред Нова година, кога во училница, каде што не е дозволено да влегуваат родители, влезе татко ѝ, Катја кога го виде се израдува, го поведе кон шкафчињата каде што ѝ се работите. Учениците беа околу нив и му дадоа комплимент дека е многу дотеран. По неколку минути влезе и Ивана и заедно си заминаа – рече наставничката.
Во тој момент Стојанче Јовановски почна да плаче во судницата.
-Пред Нова година бабата ми рече дека Ивана се вратила да живее со сопругот и рече дека е загрижена – рече наставничката.
Кобниот ден, на 2 март, во 13 и 30 Ивана дошла во училиштето и ја зела Катја по часот по физичко, рече наставничката.
-Колешката рече дека секогаш кога мајка ѝ ќе ја земела Катја од училиштето, таа била многу среќна, вклучително и тој ден кога се гушкале и се бакнувале – кажа наставничката.
Стојанче почна да плаче во судницата кога наставничката на Катја раскажуваше за детето


