Стоилковски: Цел регион се вакцинира, само Македонија извиси

Наум Стоилковски, портпарол на ВМРО-ДПМНЕ, Фото: Слободен печат

Цел регион се вакцинира, само Македонија извиси заради лагите на Зоран Заев и Венко Филипче, рече портпаролот на ВМРО-ДПМНЕ Наум Стоилковски на прес-конференција.

– Два месеци трае лагата за обезбедени вакцини против Ковид-19! Цел регион се вакцинира, и држави членки на ЕУ и тие што уште не се. Албанија веќе цела недела се вакцинира, ги добиле вакцините од држава членка на ЕУ во регионот, која што граничела со држави што не се членки. Може да се претпостави дека тоа се Романија, Бугарија или Грција. Само во Македонија се уште на големо се лаже за вакцинацијата. Утре е 17 јануари, слушнете што зборуваше Зоран Заев на 17 ноември, пред два месеци, а веднаш потоа што зборуваше Венко Филипче! Заев вели со секоја пратка до Грција, Македонија ќе добивала вакцини. Филипче вели со секоја пратка до Бугарија, Македонија ќе добиела вакцини. Пораките беа дека во Македонија ќе почне вакцинација истовремено со државите од ЕУ! Дополнително се ширеше лага дека Заев добил понуда од Мицотакис за вакцини, исто како што беше лагата од Филипче за вакцините од Бугарија. На 25 декември Заев повторно вели во едно свое интервју „ја прифативме помошта во вакцини од Грција, Бугарија”, па додава „за нас беше важно да направиме навремени чекори за да ги обезбедиме вакцините” – рече Стоилковски.

Тој истакна дека вакцинацијата во Грција почна на 27 декември, а пратка за Македонија немаше.

– Е па Зоране Заев, што е тоа навремено според тебе, кога ќе дојдат вакцините од Бугарија? Кога ќе дојдат вакцините од Грција? Кога ќе пристигнат нарачаните вакцини? Колкави се количините кои што ќе дојдат како помош, а колку се нарачани? Зошто ги нема досега? Одговорот што го даваш на 25 декември „Кој, кога почнал е навистина ирелевантно”, апсолутно не држи, туку е оправдување за лагата, и истовремено оправдување за секој еден следен заболен и за жал починат од корона! Точно ли е дека поим немате ниту за вакцините од Бугарија, поим немате за вакцините од Грција, ниту дали ниту кога би ви ги пратиле? Точно ли е дека сокривте тоа што ви е кажано од Софија дека оттаму ќе ви дадат или препродадат вакцини само откако ќе бидат задоволени домашните потреби во Бугарија? – праша Стоилковски.

Тој ги обвини премиерот Заев, министерот за здравство Филипче и целата партија  СДСМ дека „работат само на едно, на ширење на лаги и  на манипулација на граѓаните преку медиумите.“

– Прашање од кое што бегаат е колку животи се доведени во опасност заради ненавремено започнување на вакцинацијата? Колку животи уште ќе треба да бидат во опасност за Заев и Филипче да кажат точен ден кога ќе дојдат вакцините и кога ќе започне вакцинацијата? Ниту има точен датум кога ќе започне вакцинација, ниту колку вакцини се потребни, ниту колку ќе пристигнат, туку со месеци само се шпекулира и се шират лаги. Факт е дека истите велеа дека пандемијата била под контрола и очекуваа 2.000 заболени, факт е дека ковидот им избега од контрола со над 2.500 починати, факт е дека Македонија има најголема смртност поврзана со корона и факт е дека нема никаков план за вакцинација. Факт е дека Заев и Филипче го девастираа здравството ги оставија луѓето на цедило среде епидемија и за тоа мора да понесат одговорност – рече портпаролот на опозициската ВМРО-ДПМНЕ.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот