Стихозбирката „Раскажани стихови“ содржи љубовна лирика со изразена наративна линија
Друштвото за издавачка дејност „Македоника литера“ деновиве ја објави поетската книга „Раскажани стихови“, со поднаслов „Историја за една љубов“, од Марина Димитриева-Ѓорѓиевска.
Препорачано
Стихозбирката содржи љубовна лирика со изразена наративна линија. Поднасловот и симболичните наслови на циклусите – „Раѓање на трепетите. Живот“, „Граници“, „Последици“ – го водат читателот низ еден емотивен пат, низ историјата на една љубов: нејзиното раѓање, будење, траење и згаснување.
Иако секоја песна функционира како самостојна мотивско-тематска целина, збирката во целост се чита како еден долг лирски наратив – психоемотивна мапа на зрела и свесна љубов. Љубовта овде не е наивна, спонтана или патетична, туку доживеана и испеана од перспектива на жена која знае да чувствува длабоко, но и да се соочи со сопствените граници.
Лирскиот субјект не ја доживува љубовта како обврска или принуда, ниту, пак, крајот како место на конфликт и огорченост. Напротив, дури и по нејзиното прекинување, љубовта останува простор на благодарност, освестување и учење за постоењето. Таа, љубовта, иако изгубена, станува учителка – за животот, за причините да се сака и за вредноста на миговите поминати во среќа.
Јазикот на збирката е едноставен, прецизен и стегнат, со внимателен спој на секојдневен говор и архаични изрази. Од идеализација, преку ментален и емотивен раст, саканиот постепено се преобразува – од конкретна личност во космичка фигура, за на крајот да стане најубав спомен.
Низ стиховите провејува тивка тага, која не води кон очај, туку кон преобразба во внатрешна сила – сила со која постоењето не го одредуваме преку другиот, туку преку себеси.
Ова е книга за љубовта што не нè прави само среќни, туку и свесни – за себе, за љубениот и за вистината на постоењето, кое има свој почеток и свој крај. Книгата содржи близу 80 песни.
Авторката Марина Димитриева-Ѓорѓиевска (1978) дипломирала на Филолошкиот факултет „Блаже Конески“ – Скопје, на студиската група Македонска книжевност и јужнословенски книжевности со македонски јазик, каде што подоцна завршила и магистерски и докторски студии. Оваа книга е адаптирана верзија на нејзиниот докторски труд.
Професионалната кариера ја започнува како новинар и уредник во редакција за култура, потоа повеќе од една деценија работи како наставник по наставниот предмет Македонски јазик. Во моментов е советник по предметот Македонски јазик во Бирото за развој на образованието.
Автор е на повеќе научни трудови, прирачници и литературни дела, меѓу кои „Фрагменти од писма што никогаш нема да бидат пратени“ (2024), „Еден ден со децата од Шареното маало“ (2024) и „Семантиката на македонскиот роман на преминот од ХХ во ХХI век“ (2025).
(Текстот е објавен во „Културен печат“ број 320, во печатеното издание на весникот „Слободен печат“ на 14-15.2.2026)


