Игор Анѓелков / Фотографија: Маја Аргакијева

Стихозбирката „Ноември“ е првото поетско дело на писателот Игор Анѓелков

Есента во книжарницата и издавачката куќа „Или-или“, како никогаш досега, дефинитивно ѝ припаѓа на поезијата. По објавените книги од Игор Исаковски, Георги Господинов, Ана Пејчинова, оваа „поетска есен“ ја заокружува и дебитантската стихозбирка на Игор Анѓелков, симболично насловена „Ноември“.

Книгата „Ноември“, која е дел од едицијата „Поеза“, од печат излезе на 5 ноември и таа е 12-тото објавено издание на авторот, по седумте прозни и четирите филмско-есеистички дела.

Стихозбирката „Ноември“ содржи дваесет песни поделени во три циклуси: „Револуција“, „Љубов“ и „Под небо во боја на бамји“. Анѓелков за својата прва поетска објава се шегува дека е „тешко да се стане поет на 50+“, образложувајќи во поговорот зошто се одлучил на ваков потег.

– Речиси секој писател својата пишувачка активност ја започнал со песни. Тоа е детерминирано од образовниот процес, при што во светот на пишаниот збор влегуваме токму преку поезијата за деца. И навистина, моите први обиди беа поетски. И не само тоа ‒ мојата прва официјална објава во сериозно списание беше „нешто што наликува на поезија“, а се случи пред три децении, со што само ми се потврди тезата дека речиси секој раскажувач започнува со пишување поезија.

Како аргумент плус, се сетив и дека поезијата се провлекува низ сите мои прозни дела. Во првиот роман „Крај-пат“ еден од ликовите е музичар што пишува прекрасни балади и чијашто поезија е составен дел од приказната. Поднасловот на мојот втор роман „Фото синтеза“, пак, е многу поетичен: „под небо во боја на бамји“, и тоа со години „плачеше“ за понатамошна разработка.

Подоцна, во збирката раскази „Двојна експозиција“, се провлекува песната „Уморен“, на која многу читатели реагираа пофално, бидејќи е слика и прилика на времето во кое живееме. Сето ова ми создаде мисла дека, можеби, навистина е време за објавување на првата стихозбирка – објаснува авторот Игор Анѓелков.

(Текстот е објавен во „Културен печат“ број 307, во печатеното издание на весникот „Слободен печат“ на 15-16.11.2025)

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот