Статистика најблиску до европските стандарди

Апостол Симовски /Фото: Архива на „Слободен печат“

Со оглед дека на европскиот пат се тргна пред дваесетина години, статистиката со околу 80 проценти усогласеност веројатно најдалеку стигната во транзицијата кон европското законодавство и стандарди што се бараат од земјава.

Државниот завод за статистика (ДЗС) има околу 80 проценти усогласеност со европските правила и стандарди што не значи дека има малку работа за завршување. Статистиката е жива материја и постојано се бараат нови начини за прибирање податоци, за обезбедување квалитет на информациите, техниките, како и за трансфер до Евростат, вели директорот на ДЗС Апостол Симовски за „Слободен печат“ по почетокот на скринингот за поглавјето Статистика во првиот кластер.

Скринингот на ЕУ почна минатата недела во Брисел и во Луксембург со Поглавјето 5, односно со Јавни набавки, а потоа со Статистика.

– Фактот дека Статистика е во првиот кластер кажува колкаво е нејзиното значење во ЕУ, односно колку е значајна квалитетната и добра информација, којашто е основа за креирањето на сите други политики. Освен тоа, статистиката е хоризонтално поврзана со сите други поглавја. Без официјална информација не можете да преговарате за ништо. Секоја област во целото општествено живеење се потпира на статистички информации и оттука произлегува двојното значење на статистика во процесот на преговори – вели Симовски.

Минатата недела, всушност, продолжи состанокот што се одржа во февруари 2019 година. Во овие две и пол години се донесени приближно 100 нови регулативи во статистиката, што покриваат повеќе од 500.

– Овој пат ние бевме слушатели, ни ги презентираа сите новини и сега имаме околу два месеца да се подготвиме и да кажеме каде сме на овој пат, што сме спровеле целосно, што делумно, а што ништо, и да ги кажеме нашите планови каде и како би го завршиле овој процес – објаснува Симовски за „Слободен печат“.

Неговата оцена е дека статистиката е веројатно најдалеку стигната во транзицијата кон европското законодавство и стандарди што се бараат од земјава, со оглед дека на овој пат се тргна уште од 1993-94 година.

Иако обврската е огромна бидејќи треба да обезбеди информации за сите поглавја, ДЗС кубури со луѓе. Во процесот се вклучени сите 520 вработени во Заводот. Главниот тим има повеќе од 40 лица, направени се екипи уште пред почетокот на скринингот, секој домен да има одговорни лица, а првиот отчет за сработеното е во ноември.

На прашањето кои се дел од регулативите што треба да се имплементираат, Симовски кусо одговара: „Тоа е како кога ќе ве прашаат кое дете ви е најдраго. Нема одговор“. Според него, ДЗС спроведува околу 300 истражувања што го покриваат целокупното општествено живеење и нема незначајна област.

– На пример, како ќе развивате политики во екологијата ако претходно не усогласите политики во економијата, образованието, науката. Но, клучно е податоците да бидат квалитетни. Еве, на пример, дали статистиката што го следи рециклирањето на отпадот, ги задоволува неопходните стандарди. За да го постигнеме тоа, не се доволни само нашите истражувања, туку главен извор на податоци е Министерството за животна средина. Тие треба прво да ги воспостават стандардите, а ние да помогнеме во имплементацијата. Важно е да се знае дека тоа го правиме за нас, а не за ЕУ. Ние треба да кажеме што сме направиле, а што ќе го направиме според планот. Самите сме си дале рок, а рокот не се нашите желби туку потребите од таков вид информации – ни изјави Симовски.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот