Станиќ: Ги видовме грешките со Полска и ќе се потрудиме да не се повторат
Македонската фудбалска репрезентација до 21 година во вторник (9 септември) ќе го игра својот втор натпревар во квалификациите за Европското првенство 2027.
Препорачано
Избраниците на селекторот Горан Станиќ од 18.15 часот на стадионот „Петар Милошевски“ во Битола ќе се соочат со селекција на Италија, еден од топ фаворитите во нашата група.
По поразот од 3:0 во Краков од Полска, Станиќ очекува сосема поинаков натпревар:
– Полска е зад нас, ги видовме грешките и ќе се потрудиме да не се повторат утре против Италија. Имавме и низа позитивни работи од мечот во Краков. Бевме речиси егал во посед на топка, ни недостасуваше последно додавање и завршница, а головите ги примивме наивно. Еден автогол, вториот од сомнителна ситуација за офсајд и последниот по индивидуална грешка. Резултатот не е мерило за играта – изјави Станиќ.
Тој додаде дека тимот е целосно подготвен за новиот предизвик:
– Фудбалерите се подготвени за Италија. Анализиравме и планот за мечот е направен. Италија е многу поразлична репрезентација од Полска. Играат различен систем, тактички се на врвно ниво, имаат брзи крила и треба да бидеме многу внимателни – рече нашиот селектор.


