Српскиот амбасадор во САД го покани Трамп во Белград
Српскиот амбасадор во Вашингтон, Драган Шутановац, кој му ги предаде своите акредитиви на американскиот претседател, го покани Доналд Трамп да го посети Белград и нагласи дека двете земји имаат потенцијал да ја зајакнат соработката во енергетиката, вештачката интелигенција, инфраструктурата, одбраната и многу други области.
Препорачано
„Во Белата куќа, му ги предадов моите акредитиви на претседателот Доналд Трамп, официјално преземајќи ја функцијата амбасадор на Србија во САД. Во пријателска и конструктивна атмосфера, разговаравме за односите меѓу Србија и САД. Го потсетив претседателот Трамп дека ниту еден американски претседател не ја посетил Србија од 1980 година – и го поканив да биде првиот што ќе го промени тоа“, рече српскиот амбасадор во објава на социјалните мрежи денес.
Како што додаде, пораката од разговорот е јасна – „Да го направиме српско-американското стратешко партнерство повторно големо“.
Амбасадорот нагласи дека Србија и САД разгледуваат соработка во неколку области од стратешко значење, во областите на енергетиката, вештачката интелигенција, инфраструктурните проекти и одбраната.
Овие сектори претставуваат потенцијал за конкретни инвестиции, размена на знаење и технолошки напредок, но и за дополнителни врски меѓу институциите и компаниите од двете земји.
Според Радио-телевизија Србија, последниот американски претседател што го посети Белград беше демократот Џими Картер во 1980 година.


