Србин убиен во Колумбија
Српскиот државјанин Слободан Марјановиќ (45) бил застрелан и убиен во близина на крајбрежниот град Санта Марта на северот на Колумбија, јавуваат медиумите од таа јужноамериканска земја, повикувајќи се на неименувани извори од локалната полиција. Безживотното тело го пронашле локалните жители во неделата околу 00:05 часот по локално време, на пат во рурална област надвор од градот, пишува „Хој Диарио дел Магдалена“ во своето онлајн издание.
Препорачано
Очевидци ѝ кажале на полицијата дека претходно слушнале истрели и виделе автомобил како се оддалечува во правец на Санта Марта, но не ја препознале марката или деталите на автомобилот бидејќи било темно. Еден сведок и рекол на полицијата дека мажот бил застрелан во автомобилот, а потоа исфрлен на патот, пренесува „Ел Информадор“.
Кај оштетениот биле откриени три прострелни рани во пределот на главата. Телото потоа било пренесено во градската мртовечница на обдукција, каде треба целосно да се идентификува и каде се очекува да пристигне семејството на убиениот.
Санта Марта е туристички град на брегот на Карипското Море со речиси 500.000 жители. Убиениот на раката ја имал нараквицата од хотелот во кој можеби престојувал, кој се наоѓа во областа на градот наречен Ел Родадеро.


