Србија молчи, Македонија проверува – нема уапсени за петте тони марихуана
„Над 50 камери имаме на тој заеднички премин од кај нас и на српската страна, така што е многу лесно за евидентирање и кога излегол камионот и во колку часот и кое лице вршело преглед и сè е толку јасно. Не знам зошто толку долго трае ваквата истрага, само слушаме политички препукувања. По моја логика само 12 часа се сосема доволни целиот случај за конкретните пет тона да се заврши. Но, истрагата треба да почне оттаму од кај што имаме материјални докази, а тоа е ДНК од ќесите кои се истоварени во Србија – вели Пивоваров за „Слободен печат“
Разногласието во Србија и Македонија, политичките препукувања и рекордните заплени од фирмите кои одгледуваат канабис веќе го одвлекоа вниманието на јавноста од главното прашање како пет тони марихуана завршиле од Македонија во Србија, како што изјавија српските истражни органи.
Препорачано
Српските власти веќе не ја споменаа Македонија, а премиерот Христијан Мицкоски прашува „од каде знаете дека дрогата излегла од Македонија?“. Официјално македонските истражни органи сè уште проверуваат дали има поврзаност на запленетите 40 тони марихуана, пост фестум, без ниту еден уапсен и петте тони запленети во Србија, каде падна и еден од сопствениците на македонска компанија која произведувала канабис.
Директорот на Царинската управа Бобан Николовски се нема појавено во јавноста од информациите од заплената, оттаму само вршат проверки.
-Царинската управа врши проверки во рамки на своите надлежности за утврдување на фактичката состојба. Воспоставена е редовна комуникација со останатите надлежни институции со цел координирано делување. Повеќе информации ќе бидат споделени по целосно завршување на постапката – велат од Царина.
Имаме над 50 камери на македонско-српската граница
Поранешниот национален координатор за гранично управување Владимир Пивоваров во изјава за „Слободен печат“ анализира дека истрагата за тоа кога и како поминале тоните марихуана е јасна и едноставна, со оглед на тоа што на српската и македонската страна има над 50 камери.

– Над 50 камери имаме на тој заеднички премин од кај нас и на српската страна, така што е многу лесно е за евидентирање и кога излегол камионот и во колку часот и кое лице вршело преглед и сè е толку јасно. Не знам зошто толку долго трае ваквата истрага и само слушаме политички препукувања. По моја логика само 12 часа се сосема доволни целиот случај за конкретните пет тона да се заврши. Добро е што почнавме со овие пет тона, а ако се вратиме наназад кога сме имале слични вакви ситуации, што е лесно проверливо во базите на податоци на Царината и полицијата, можеби ќе откриеме многу повеќе вакви случаи. Истрагата мора да оди до крај. Можно е да биде по воздушен пат, но и тоа поминува царинска контрола, може да биде на легален премин, може да биде на зелена линија, вон премините. Но, истрагата треба да почне оттаму од кај што имаме материјални докази, а тоа е ДНК од ќесите кои се истоварени во Србија – вели Пивоваров.
Тој не е сигурен дали во акцијата е вклучена американската ДЕА, но е категоричен дека е клучна соработката меѓу српските и македонските органи, кои официјално соработуваат, но од друга страна даваат различни изјави во јавноста.
-Прашање за милион долари е кој е вклучен, бидејќи гледаме дека од страна на американската ДЕА која е многу присутна во регионот и е многу загрижена за состојбите во регионот околу оваа проблематика, со оглед дека тие излегуваат со куси соопштенија, немаше никакво соопштение од нивна страна. Соопштение слушаме од Белград од истражните органи за што се работи, како се работи, политиката и таму си прави свои претпоставки. Политиката и криминалот не се исто, не смее да се меша ниту политиката во криминалот ниту криминалот во политиката. За жал, кај нас како што гледате тоа станува секојдневие – вели тој.
Пивоваров ја анализира и претпоставката дека било пријавено дека камионот, односно шлеперот со марихуана, поминал заведен дека носи друга стока. Тврди дека цариникот има должност да ја провери стоката, а ако не ја проверил тоа е негов пропуст.
-Кога царинскиот службеник ќе пристапи, го отвора камионот, ако е пломбиран ја вади пломбата, ако е истоветна робата и она што е на лице место, тогаш става печат. Доколку се сомнева, тој зема примерок од таа стока и ја праќа во царинската лабораторија за да се утврди за која стока се работи, зборувам ако има сомнеж. Меѓутоа ако стави печат и тврди „марихуаната не е ѓубре“ или обратно, значи во таква ситуација тој свесно и намерно го прави тоа. Второто и главно прашање е дали е тој самостоен тоа да го направи, бидејќи лично не верувам. Мора да има многу повисоки инстанци над таа позиција кои би можеле да овозможат нешто такво да се случува – објаснува Пивоваров.
Обвинителството проверува чија е марихуаната?
Обвинителството за гонење на организиран криминал и корупција сè уште утврдува евентуална поврзаност на 40-те тони запленета марихуана во Македонија со петте тони што беа најдени во Србија и сè уште го утврдува потеклото на дрогата. Јавниот обвинител сослушува сведоци и прибира докази релевантни за постапката, велат од Обвинителството во соопштение до јавноста по заплената на над 40 тони марихуана од фирми за одгледување на канабис за медицински цели.
-Постапувањето се одвива во континуирана координација со Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција, како и со други јавни обвинителства со месна и стварна надлежност, кои постапуваат по предмети за кривични дела утврдени во Законот за контрола на опојни дроги. Во насока на целосно утврдување на фактите и околностите, предметниот обвинител од Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција е во комуникација со Обвинителството за организиран криминал на Република Србија, со цел размена на информации од значење за постапката што ќе помогнат да се утврди евентуална поврзаност на двата случаи и потеклото на марихуаната. Воедно, јавниот обвинител од ОЈО ГОКК презема и други дејствија согласно своите законски надлежности, вклучително и сослушување лица во својство на сведоци, со цел прибирање докази и факти релевантни за постапката – велат од Обвинителството.
Всушност и од Министерството за внатрешни работи и од Обвинителството велат дека продолжуваат со акцијата и со контролата на компаниите кои произведуваат медицински канабис, каде најдоа многу неправилности, но и спорен правилник што го донел поранешен министер за здравство.
АНБ не била надлежна
Од Агенцијата за национална безбедност за „Слободен печат“ велат дека ова не е во нивна надлежност.
– Агенцијата за национална безбедност согласно закон е надлежна за активности поврзани со безбедносните закани и ризици за националната безбедност на државата во областа на тероризмот, насилен екстремизам, нарушување на витални економски интереси, сериозни и организирани криминални активности насочени против државата. Во соработка со други органи, Агенцијата за национална безбедност презема активности за попречување на појави кои спаѓаат во делокругот на надлежности на Агенцијата. Во врска со Вашето прашање за конкретниот случај, Ве информираме дека истиот не е во надлежност на Агенцијата и потребно е да се обратите до други надлежни органи со оглед дека истрагата за истото е во тек – велат од АНБ.
Случајот се анализира и во Србија, а пензионираната полицајка од српското МВР, Славица Радовановиќ, наведува дека сите настани поврзани со овој случај укажуваат дека целата акција треба на некаков начин да се скрие и дека главните актери – организатори не треба да бидат откриени, и дека тоа е причината зошто нема соработка меѓу државните органи на Северна Македонија и Србија.
-Штом во нашата земја, во средината на акцијата, ги заменија луѓето што учествуваа во неа, го заменија и обвинителот што работеше на неа. Значи, дефинитивно е јасно дека интересот на државата и безбедносните структури не е да откријат која била вистинската цел и кои се луѓето што се организатори – анализира таа за N1.
Петте тони марихуана беа откриени на 29 јануари, а според српското Јавно обвинителство за организиран криминал, групата од почетокот на јануари до 29 јануари 2026 година на територијата на Македонија набавила 5.002.079 грама марихуана.
Според планот на организаторот, осомничениот Иван Драгниќ ја транспортирал дрогата преку границата до магацинот на семејството Спасојевиќ, од каде осомничениот Урош Младеновски ја подигнал за понатамошна продажба. Петте тони марихуана биле пронајдени на имотот на компанијата „Флораком“ во селото Коњух кај Крушевац, во сопственост на Раде Спасојевиќ. Според достапните информации, „Флораком“ се занимава со организирано производство и откуп на корнишони.
Проценетата пазарна вредност на конфискуваната дрога изнесува околу 50 милиони евра.


